Некои од пензионерите, децата и посиромашните граѓани во Општина Аеродром три месеци ќе добиваат по 1.000 денари

На јавниот повик за доделување парична помош до 14 октомври, ќе можат да аплицираат социјално загрозени лица што се најпогодени од енергетската и од финансиската криза.

Социјално загрозените лица од Општина Аеродром што се најпогодени од финансиската и од енергетската криза ќе добиваат месечен надомест како финансиска помош за октомври, ноември и за декември, информираат од локалната самоуправа.

За таа цел Општина Аеродром објави јавен повик за доделување парична помош, на кој заклучно со 14 октомври, ќе можат да аплицираат социјално загрозени лица што се најпогодени од енергетската и од финансиската криза.

– Овој пакет на парична помош опфаќа месечна субвенција за електрична енергија за социјално загрозени лица, парична помош за субвенционирање дел од трошоците за топол оброк и/или трошоците за ужина за ученици од основни училишта што се од социјално ранливи категории и од еднородителски семејства со месечен личен доход до 18.000 денари, како и месечна парична помош за пензионери приматели на пензија во висина до 10.300,00 денари. Сите подносители треба да се жители на Општина Аеродром – стои во објавата од Аеродром, од каде што прецизираат дека сите детали за јавниот повик може да се прочитаат на веб-страницата на Општината.

Од локалната самоуправа тврдат дека со оваа мерка им излегуваат пресрет на најранливите категории граѓани за, како што велат оттаму, тие полесно да го надминат периодот одбележан со енормното покачување на цената на струјата.

– Социјално загрозените лица од Општина Аеродром што се најпогодени од финансиската и од енергетската криза ќе добиваат месечен надомест како финансиска помош за октомври, ноември и декември. 1.000 денари месечна субвенција за струја за социјално загрозени лица, 1.000 денари месечна субвенција за топол оброк и ужина на децата на социјално загрозени лица, 1.000 денари месечна субвенција за топол оброк за деца на самохрани родители со месечен личен доход до 18.000 денари, 1.000 денари месечна помош за приматели на пензија до 10.300 денари – дообјасни градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски, кој истакна и дека тие остануваат посветени на подобрување на условите за живот на сите наши граѓани и дека ги преземаат сите чекори со кои можат да им го олеснат животот на аеродромци – додаваат од Општина Аеродром.

Исто така, од локалната самоуправа кон средината на минатиот месец започнаа со проектот „Секој ден топол оброк за најпогодените граѓани“ во чии рамки Општината и детската градинка „Буба Мара“ на дневна основа ќе донираат пакети со топол оброк на социјално ранливи граѓани.

– Соочени со сè поголема енергетска и економска криза во државата, грижата за најпогодените граѓани треба да биде меѓу врвните приоритети на секоја општинска администрација. Управата на градинката потпиша меморандум за соработка со хуманитарната организација на скопската православна епархија при МПЦ-ОА „Свети Спас“ – истакнаа тогаш надлежните од Општината.

За успешно да се реализира овој проект што е особено важен за населението, кое поради најразлични причини не е во можност да си обезбеди оброк, храната ќе се пакува во пакети и ќе се дели на сите социјално ранливи граѓани кои имаат потреба од топол оброк, секој ден во периодот од 14 до 14:30 часот во црквата Св. Никола во паркот „Јане Сандански“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот