Некогаш освојуваше медали и имаше договор од 200.000 долари, а денес работи за 12 долари од час
Олимписките медали можеби значат врвно спортско признание и засекогаш го запишуваат името на спортистот во историјата, но тие воопшто не се гаранција за финансиска сигурност по завршувањето на кариерата. Тоа на потежок начин го искусила поранешната американска олимписка хероина Лорин Вилијамс, која настапуваше во атлетика и боб санка.
Препорачано
Во екот на спортската слава, Вилијамс имала годишни приходи од околу 200.000 долари само од спонзорскиот договор со „Најк“. Исто така токму во годината кога испиша историја како прва Американка што освоила медал и на летни и на зимски Олимписки игри, нејзината вкупна заработка паднала на околу 80.000 долари.
По повлекувањето од активниот спорт, гламурот целосно исчезнал. Наместо удобен живот, олимписката шампионка била приморана да почне од самиот почеток како приправник во финансиската компанија „Briaud Financial Advisors“, со плата од само 12 долари на час.
Во изјава за американските медиуми, денес 42-годишната Вилијамс отворено зборуваше за суровата реалност со која се соочила по крајот на кариерата.
„Луѓето мислат дека, бидејќи сум прва и единствена со такво достигнување, постојано сум поканувана на мотивациски говори. Имав неколку ангажмани, но тоа не е доволно за нормален живот. Имаше медиумско внимание, но спонзорите никогаш не се појавија“, признава таа.
Дополнителен проблем, како што вели, било тоа што целата младост ја посветила на спортот, без да гради паралелна кариера.
„Целите мои дваесетти години ги поминав на натпревари. Кога завршив, немав никакво реално работно искуство. На 30 години се чувствував како дури тогаш да почнувам, додека моите врсници веќе имаа сериозни професии и стабилни кариери“, објаснува Вилијамс.
Освојувачката на злато во штафетата 4×100 метри на Олимписките игри во Лондон 2012 и сребро во боб во Сочи 2014 порачува дека спортските успеси не значат автоматски безгрижна иднина.
„Мојата кариера траеше една деценија и до 30-тата година живеев подобро од просечниот човек. Но, тоа беа далеку помалку пари со кои може цел живот да се одмора и никогаш повеќе да не се работи“, искрено заклучува поранешната олимписка шампионка.


