Нека се гради тунелот кон Букојчани!

Почитуван г. Николовски, го забележав Вашиот ангажман околу изградбата на автострадата Гостивар – Букојчани и објаснувањето за промена на првобитната траса со избегнување на пробивање тунел проектиран во должина од 5,3 километри.

Јас не сум градежен инженер или геодет, но ќе ми дозволите, како граѓанин на оваа држава да Ве повикам да вложите максимални напори за да дојде до реализација на овој тунел.
Зошто?
Затоа што сметам дека станува збор за значаен, незаменлив дел на овој капитален развоен проект, а Вие баш сега се наоѓате на функцијата и во моментот кога, како што вели, да го парафразирам големиот писател Џејмс Џојс: „Не се работи за минатото и иднината – се работи за ВЕЧНАТА СЕГАШНОСТ“.

Господине Николовски,
Секако дека од денешен аспект, стои Вашето рационално објаснување за висината на трошоците за изградба на овој тунел, но да повторам, се работи пред сè за одржлив развој на нашата држава и на нејзините граѓани. Вакви објекти се градат еднаш во векот! Видете ги тунелите во последниве години, оние во соседството.

Јас не сум финансиски експерт. Но, од сознанијата што ги имам за овие капитални проекти, како што ми вели искуството, на среден и долг рок многукратно се враќаат ваквите инвестиции. На крајот на краиштата не само тунелот, туку и нагорниците и надолниците ќе имаат не мала трошковна вредност.

Но, ако ние како државјани денес храбро не го понесеме товарот на овој капитален проект, нема утре да се оправдуваме во стилот дека „Железарата не требаше да биде изградена во Скопје“, или „Топилницата во Велес“, не требаше да инвестираме овде и онде…
Големата развојна слика за нашата Македонија е во нејзината геостратешка позиција, крстопатот на европските трансверзали број 10 и број 8 што Вие честопати го нагласувате, а што се утврдени уште во 1995 година и во критските документи на европски визионери и транспортни експерти.

За развојот на татковината, г. Николовски, не е на одмет да се откажеме од дел од нашата денешна живејачка, и во една легална постапка сите да поднесеме вонредни жртви, било како кратење на личните приходи или задолжување на идните корисници на благодати што денес ги создаваме.

Благодарам на вниманието.

(Авторот е амбасадор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот