Неевропски условувања од Софија за старт на преговорите со ЕУ

Фото: mbp.com.mk

Северна Македонија сè уште е во исчекување на јасна потврда од Бугарија за поддршка за старт на преговорите со Европската Унија (ЕУ), односно одржување на првата Меѓувладина конференција за време на германското претседателство до крајот на годинава, откако Софија порача дека пред отворање на пристапните преговори треба да се надминат недоразбирањата за историските прашања.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека разговорите за време на минатонеделните средби на министерот за надворешни работи, Бујар Османи со премиерот Бојко Борисов биле добри, но разговорите меѓу министерката Екатерина Захариева и министерот Османи не биле баш добри. Тоа што е предложено од таа страна, оцени Заев, не е ниту добрососедство, ниту братство, а најмалку е европско.

– И ако тоа така остане, треба да го подготвиме нашиот македонски народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција што ја очекуваме во декември. Но, јас верувам дека тоа не е став на премиерот Борисов, мојот пријател и брат, верувам дека тоа не е став ниту на бугарскиот народ. Ние ќе направиме се во овие претстојни денови да најдеме решение. Ја прифативме заедничката историја и општата историја како што ја викаат во пријателска Бугарија како нешто што е составен дел од нашето минато, рече вчера Заев.

Тој изрази уверување дека заедно со премиерот Борисов ќе изнајдат решение за проблемите за земјата да продолжи по европскиот пат.

– Уверен сум дека постојат решенија на проблемите, но дефинитивно знам дека јас и Бојко ќе изнајдеме решенија на ваквите прашања заради тоа што решивме пет историски личности и постојат записници за нивно заедничко чествување и три историски периоди и постојат записници за нивно заедничко чествување. Верувам и овој следен четврти ќе го решиме. Одличен мегдан е нашиот историски заеднички јунак Гоце Делчев да не сплотува, да ја зголемува соработката и поддршката. Убеден сум дека ќе постигнеме решение и ќе направиме се што е во наша моќ за да продолжиме по тој пат. Затоа што нашиот сон е Европа која што го признава и целосно го почитува правото на самоопределување.Ние сме Македонци коишто зборуваме македонски јазик и верувам дека таквите вредности ќе опстојат комплетно и кај нашите соседи, посочи премиерот Заев.

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, пак, изјави дека ако ЕУ дозволи македонскиот јазик да биде пречка на патот на нашата евроинтеграција, тогаш, нема да ја заслужи придавката во своето име „европска”.

– Мора мудрост и почит, нема пријателство без взаемна почит. Сите што сакаат да му бидат пријатели и блиски на македонскиот народ, мора да нè прифатат кои сме и каков јазик зборуваме, а ние зборуваме македонски јазик. Без елементарна почит не може да се развива блискост или пријателство. Никој друг на светот, ниту една друга држава, соседна или подалечна, нема право да се меша во нашето право на самоопредлување, изјави Димитров вчера по положување на цвеќе на Могилата на непобедените во Прилеп.

Прашањата, вели, ќе се решаваат на линија на европските принципи и додаде дека во ера на 21 век, правото на самоопределување на сите народи, вклучувајќи го и македонскиот народ, е неспорно.

– Процесот што го почнавме со Бугарија во однос на разговор за наративите од заедничкото минато што нè поврзува, мора да има и прифаќање на реалноста. Историјата не може да ја смениме, сегашноста можеме, можеме да обезбедиме подобра иднина. Сака мудрост од двете страни, рече Димитров.

Во меѓувреме, по пауза од речиси една година, нова средба на Заедничката експертска македонско-бугарска комисија за историски прашања е закажана во четврток и во петок во Скопје.

Османи и Захариева на средбата минатата недела во Софија изразија очекување дека Комисијата ќе ја забрза работата и дека ќе успее да испорача резултати пред 10 ноември, кога во Софија треба да се одржи самит на Берлинскиот процес со кој копретседаваат двете земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот