Не знаеме дали ковид-кризата заврши, но ќе имаме неколку мирни месеци, вели д-р Петличковски

Д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести/Фото: Слободен печат

Не може да сме сигурни дека кризата со коронавирусот заврши, но знаеме дека во моментов ризикот за некаква сериозна компликација и сериозен притисок на нашиот здравствен систем е многу низок и од таа причина одлучивме да предложиме укинување на речиси сите рестриктивни мерки, со назнака дека на дневна и неделна основа ги дискутираме бројките, го следиме движењето и доколку има потреба ќе реагираме благовремено со воведување на некои нови мерки. Мислам дека ќе имаме многу мирни неколку месеци, за од есен ќе видиме, рече претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Александар Петличковски во гостување на ТВ Сител.

Во врска со неносењето маска во маркет, која, пак е задолжителна во такси возило, рече дека ризикот во затворен мал простор во такси шансите за пренос на инфекцијата е многу голем, додека шансите за пренос на инфекција во маркетите се помали, а во болниците и во аптеките идејата е да се заштитат тие кои се во ризична категорија и оттука и планот за носење маски.

– Вчера имавме 32 хоспитализирани пациенти со ковид-19, што е одличен показател на трендот, многу мал дел од нив се во сериозна состојба и има еден или ниеден починат дневно, што укажува дека состојбата е многу стабилна и со многу мал ризик, потенцијал за влошување. Секогаш тие кои ќе стигнат до болница се во придружни коморбидитети. Има некои чии коморбидитети се откриваат во тек на хоспитализацијата. Останува еден голем процент на невакцинирани кои стигнуваат до болница. Последниве месеци имунитетот кој се стекнува со вакцинација и со прележување на болеста се изедначува. Прележувањето е поризичниот пат за стекнување имунитет. Затоа апелирам дека нема да се откажеме од вакцините и после овој летен период на олабавување ќе започнеме повторно една поинтензивна кампања за објаснување на користа од вакцините која е неспорна во случај наесен да треба да се подготвуваме за нов бран, рече Петличковски во гостување на ТВ Сител.

Во врска со постковид компликациите, тој рече дека голем дел од нив го засегаат нервролошкиот систем, има кардиолошки случаи, има малку психологија нарушена, има засегање на црниот дроб, значи многу системи се засегнати од компликациите по ковидот.

– Размислуваме да организираме клиника или институција која ќе биде ориентирана на справување со постковид симптомите, додаде Петличковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот