Не сакаме сезонски, туку постојано вработени пензионери или студенти, велат работодавачите за новите законски мерки
Нема потреба од ограничувања, бидејќи има пензионери кои, на пример, се чувствуваат способни и би сакале да работат подолг период од законски предвидениот, а и дел од студентите би можеле паралелно да студираат и да работат, дециден е Ангел Димитров од ОРМ.
Работодавачите се главно задоволни од условите во Законот за работно ангажирање сезонски работници, претежно студенти, пензионери и самовработени лица, кој треба да стартува од 1 јануари идната година, но со сугестија дека не треба да има временско ограничување за да се постигнат вистинските ефекти. Сепак, според нивните препораки за да се намали неформалната економија, потребна е зголемена будност и поангажирани контроли на инспекциите. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачите и Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи за „Слободен печат“ се децидни дека новите прописи ќе им ја олеснат работата на многу индустрии, кои во одредени периоди од годината имаат зголемен обем на работа, а токму тогаш немаат доволно работници да одговорат на обврските.
Препорачано
Законот за работно ангажирање лица или, популарно речено, за сезонски вработувања, според Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд, е револуционерен и за првпат се носи во нашата држава. Со овој закон се овозможува вработување на невработени, вработени лица, на студенти, пензионери, но тие нема да ги изгубат придобивките: пензионерите нема да го загубат пензионерскиот статус, студентите – студентскиот, а невработените нема да ги загубат социјалните бенефити.
Вреди да се проба, се согласува Ангел Димитров, но смета дека не се потребни ограничувања, кои според Законот, предвидуваат ангажирањето на овие работници годишно да може да биде од 120 до 180 дена, во зависност од дејноста или максимално до 15 дена во месецот.
– Нема потреба од ограничувања, бидејќи има пензионери кои, на пример, се чувствуваат способни и би сакале да работат подолг период од законски предвидениот. И дел од студентите би можеле паралелно да студираат и да работат, каков што е случајот во многу други земји во светот. Правото на работа е уставно загарантирано, па оттука сметам дека ова е една фалинка на ова решение – додава Димитров.
Тој се надева дека ќе се намали работата на црно, бидејќи ќе има мобилна апликација за полесно пријавување и одјавување на работниците.
– Со помош на оваа апликација, работодавачите што ќе ги ангажираат овие лица, ќе може во моментот да ги пријавуваат и да ги одјавуваат и, секако, со тоа ќе се овозможат дополнителни приноси за луѓето што ќе сакаат дополнително да бидат ангажирани за подобрување на својата економска состојба – вели Димитров.
Миле Бошков од КСС смета дека со овој закон ќе се реши зголемената потреба во некои индустрии во одредени периоди.
– На пример, тоа ќе биде добредојдено во туризмот, особено во летните месеци, но и во конзервната индустрија, како и кај малите фирми што се занимаваат со подготовка на ајвар или друга туршија, или пак во месната индустрија во периодот кога е сезоната за колење добиток. Главно во сите процесни гранки има периоди кога им фалат работници, а сега тоа полесно ќе може да го решат. Очекувам и да се намали барем дел од сивата економија, но за тоа е потребно да се зајакнат инспекциските контроли – смета Бошков.
Центарот за истражување и креирање политики во февруари годинава објави дека долги години работи на прашањето за мерење на неформалната економија и развој на предлог-политики за нејзина формализација.
– Идентификуваниот проблем во нашите истражувања беше јасен: многу граѓани – пензионери, студенти, вработени, невработени лица и странци – секојдневно извршуваат работни задачи од повремена и сезонска природа, но недостасува соодветен законски механизам за нивно вклучување во формалната економија. Поради тоа, тие беа принудени или да работат непријавено или целосно да се откажат од ваквиот вид ангажман за да не ги загубат своите стекнати права. Процесот на истражување и развој на оваа законска рамка започна во 2019 година, кога ЦИКП придонесе во подготовка на регионална компаративна анализа за недостатоците во правната рамка кои придонесуваат за висок степен на непријавен сезонски труд. Истражувањата покажаа дека во Македонија постои нефлексибилна законска рамка која ги третира сите работни ангажмани на ист начин, без разлика на нивната природа и траење. Анализирајќи добри примери од регионот и ЕУ, особено реформата во Србија, каде што пријавата за дневни работни ангажмани се одвива преку дигитален систем, утврдивме дека постои можност за успешно адаптирање на сличен модел. Позитивните искуства од Унгарија, Хрватска и од Италија беа дополнителна мотивација за развој на соодветно законско решение за Македонија – посочија од ЦИКП.


