„Не ги бива“, вели Груби за државните антикорупционери

Вицепремиерот Артан Груби испрати порака дека не им верува на капацитетите на Државната комисија за спречување на корупцијата, велејќи дека државните антикорупционери „не ги бива“. Овој пат пораката ја испрати првиот вицепремиер Артан Груби.
„Државната комисија за спречување на корупција не ги бива. Немаат ниту еден успешен случај, немаат капацитет“, рече Груби во интервју за „Сител“.
Тој ова го одговори откако беше запрашан за мислење околу купувањето на деловниот објект „Соравија“ од страна на внукот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, како и за вклучувањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црната листа“ на САД.
„Деновиве ја отфрлија пријавата против мене во ДКСК на поднесокот на ВМРО-ДПМНЕ. Огромно мнозинство од случаевите се или изгубени по административни постапки или отфрлени од судиите и се надевам дека следниот состав ќе биде посериозен. Нема ниту еден успех. Јас на времето ги интервјуирав и очекував повеќе. Верувам во институцијата, но имам сомнежи во капацитетите на луѓето. Во мандат од четири-пет години дали имаат еден единствен случај успешен во постапките“, рече Груби.
„ДУИ ја прифати целата политика на санкционирање, ја почитуваме одлуката на САД и согласно тоа се донесоа одлуките за членството на Мерко, а и тој излезе во јавност со ветување дека ќе соработува со сите институции во земјата“, додаде тој.