Назначени нови директори на Детска клиника и Онкологија по оставките на докторите Софијанова и Васев

Фото: МИА

По оставките на директорите на двете универзитетски клиники – Клиниката за детски болести и Клиниката за радиотерапија и онкологија, д-р Аспазија Софијанова и д-р Никола Васев, денеска се назначени нови директори.

-Министерот за здравство, д-р Беким Сали за вршител на должност медицински директор на Универзитетска клиника за детски болести ја именува д-р Стојка Нацева-Фуштиќ, додека за нов в.д. медицински директор на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија ја именува д-р Виолета Клисаровска, соопшти МЗ.
Новоназначените директорки се именувани како вршители на должност до именување  медицински директор, по распишување конкурс, но не подолго од шест месеци, нагласуваат од Министерството.

Вчера оставка поднесе и организацискиот директор на Детската клиника, Аљајдин Мемеди.

Организацискиот директор на оваа Клиника се разрешува од функцијата пред истекот на времето за кое е именуван, поради утврдени нерегуларности во извештајот од извршената контрола на работењето на оваа Клиника. Контролата е спроведена од Фондот за здравствено осигурување, се вели во соопштението од МЗ.

Во понеделникот оставка поднел и Меритон Чивули, шеф на кабинет на министерот за здравство Беким Сали. Фокус пишуваше дека Чивули вршел притисоци врз директорите на клиникте откако на дел од нив им праќал списоци со имиња и презимиња на вработени Албанци, кои требало да се стават на раководни позиции во дел од болниците, бидејќи според него, имало премалку раководители- Албанци во Клиничкиот центар.

Министерот Беким Сали во изјава за Фокус тврди дека смената на директорите е поради скандалите поврзани со нивната работа.

-Во последниот период и на двете клиники имаше доста скандали поврзани со работата на директорите и поради тоа мораше да се преземе ваков чекор. На тој начин се создадоа и сомнежи околу нивната работа и затоа тие денес си поднесоа оставки и на нивно место ќе бидат назначени нови директори, рече Сали.

Скандалот со директорката на Детска Клиника д-р Аспазија Софијанова го откри ТВ Клан и се однесуваше на исплата на дежурства кои кај неа биле повисоки од платата. За Онкологија е врзан скандалот со цитостатиците, иако д-р Васев тврдеше дека дал оставка од лични причини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот