Навратилова: Забрана за трансродови спортисти во женските натпреварувања е чекор во вистинска насока

Познатата поранешна тенисерка предлага воведување категорија „опен“ за решавање на проблемот со трансродовите спортисти
Поранешната тениска ѕвезда Мартина Навратилова е загрижена поради се поголемото присуство на трансродови спортисти во светот.
Таа смета дека треба да се воведат цврсти правила за да биде повратена еднаквоста во спортот. Навратилова предлага интересно решение.
– Мислам дека најдобра идеја е да имаме категорија „биолошки жени“ и категорија „опен“. Таа „опен“ категорија би била за сите, односно за мажите кои се идентификуваат како мажи, за жените кои се идентификуваат како жени, за жените кои се идентификуваат како мажи и за мажите кои се идентификуваат како жени – вели Навратилова.
Деветкратната шампионка на Вимблдон смета дека кога некој ќе помине низ пубертетот како машко, се здобива со физичка предност.
– Нема начин да се поништи таа физичка предност. Ако можете да дишете побрзо и подлабоко, тоа е голема предност во врвниот спорт. Затоа забрана за трансродови спортисти во женските натпреварувања е чекор во вистинска насока – вели Навратилова.