Научниците го предвидоа точниот датум кога астероид може да удри во Земјата – со сила од 22 атомски бомби

Илустрација на астероид / Фото: Профимедиа

Земете ги вашите календари бидејќи научниците го открија датумот кога се предвидува дека астероид ќе удри во Земјата, и тоа со сила на 22 атомски бомби. Астероидот, наречен Бену, поминува покрај Земјата на секои шест години, но астрономите предвидeле дека еден ден во септември – за многу години – може да се „воспостави контакт“.

НАСА веќе седум години работи на планови за спречување на судир со астероид и пренасочување на Бену. Нивната мисија сега е во „последна фаза“.

Бену е широк приближно 530 метри, што го прави двојно помал од астероидот за кој се смета дека ги убил диносаурусите. Доколку Бену се забие во Земјата, тоа ќе предизвика разорување на сè во радиус од најмалку 965 километри од местото на ударот, но тоа не е доволно големо за да предизвика потполно изумирање во целиот светот.

Но, имајте на ум дека можноста Бену да се судри со нашата планета и да предизвика разорување на нашите идни генерации е всушност мошне мала. НАСА вели дека иако постои ризик, постои „исклучително мала шанса“ Бену да удри во Земјата на 24 септември 2182 година.

Бидејќи датумот паѓа на крајот на 22 век, уште долго не мора да се грижиме. Според новиот документ што минатиот месец го сподели научниот тим OSIRIS-REx, постои шанса од 1:2700 (0,037 отсто) овој „проектил“ да удри во Земјата на 24 септември 2182 година.

„Иако е тешко да се одреди веројатноста ова навистина да се случи, новите податоци од вселенското летало OSIRIS-REx на НАСА им овозможија на научниците подобро да моделираат како орбитата на Бену ќе се развива со текот на времето и подобро да ја пресметаат можноста за судир“, објаснува НАСА.

На 25 септември 2135 година, Бену ќе пролета блиску до Земјата. Локацијата на Бену во 2182 година ќе варира во зависност од тоа како ќе помине прелетот во 2135, според НАСА. Шансите се еден спрема 1750 дека Бену ќе удри на Земјата до 2300 година.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот