Научниците: Тест на крвта може да покаже кој од милиони луѓе несвесно шири туберкулоза

Фото: Wikimedia Commons

Научниците велат дека се блиску до развој на тест на крвта кој би можел да идентификува милиони луѓе кои несвесно шират туберкулоза.

Истражувачите од Универзитетот во Саутемптон откриле група биолошки маркери кои се наоѓаат на високите нивоа кај заразните пациенти, јавува агенцијата дпа.

Туберкулозата или ТБЦ е најсмртоносната заразна болест во светот и одзема повеќе од милион животи секоја година, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО), пишува „Саенс дејли“ (ScienceDaily).

Студијата, спроведена со експерти од Универзитетот Кејптаун во Јужна Африка и Универзитетот Каетано Хередија во Лима, Перу, користела нова техника која идентификувала сет од шест протеини кои се многу прецизни во одредувањето на туберкулозата.

Водечката авторка д-р Хана Шиф, експертка за респираторни болести на Универзитетот во Саутемптон, рекла дека тестот може да помогне да се идентификуваат проценетите три милиони случаи кои биле пропуштени минатата година, главно во земјите во развој.

– ТБЦ останува глобална катастрофа бидејќи нашите напори да го контролираме нејзиното ширење се попречени од несоодветното тестирање, кое е бавно и зависи од специјализирана опрема и лаборатории. Една третина од луѓето кои се инфицираат не добиваат дијагноза и остануваат заразни – рекла експертката.

– Во нашата студија комбиниравме нова техника на мерење со длабока математичка анализа за да ги идентификуваме овие шест нови маркери на туберкулоза. Ова би можело да доведе до трансформативна алтернатива за дијагностицирање на болеста – едноставен тест кој открива протеини во крвотокот чии нивоа се разликуваат помеѓу луѓето со ТБЦ, здравите поединци и оние кои страдаат од други респираторни заболувања – истакнала д-р Хана Шиф.

Таа објаснила дека туберкулозата се шири со вдишување на ситни капки од кашлањето или кивањето на заразените луѓе и иако главно ги погодува белите дробови, може да уништи кој било дел од телото.

Бројот на случаи во Велика Британија се искачил на околу 5.000 минатата година и се очекува да продолжи да расте во 2024 година, според Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство.

Истражувањет вклучувало испитување на протеините пронајдени во крвта на луѓето со активна туберкулоза во Африка и Јужна Америка.

Научниците ги споредиле биомаркерите со оние пронајдени кај здравите луѓе и пациентите со инфекции на белите дробови, идентификувајќи 118 протеини кои значително се разликувале помеѓу групите.

Експертите потоа ги намалиле на шест протеини кои, како што велат, може да се користат за разликување на заразните пациенти со туберкулоза од луѓето со добро здравје или со проблеми со белите дробови.

Доктор Дијана Гарај-Бакеро, исто така од Универзитетот во Саутемптон, рекла дека добиените резултати претставуваат насоки за развој на тестот за туберкулоза што би бил едноставен како брзите тестови за антиген на ковид-19 користени во текот на пандемијата.

– Новите маркери што ги откривме се навистина возбудливи, но сега е важно да се развијат во тестови кои можат да се користат за милиони луѓе кои пренесуваат туберкулоза, без да знаат. Како што потврди пандемијата на ковид-19, ги игнорираме високо заразните болести што се пренесуваат во воздухот на сопствен ризик – рекла таа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот