Наставникот Стефан Поповски / Фото: Апла.мк

Наставник од Битола цела година предавал и оценувал, а никој не му кажал дека одамна добил отказ

Стефан Поповски го тужи училиштето и бара да му се исплатат парите за работата која ја извршил без да знае дека му дале отказ

Наставник од Битола цела година одел на работа, пред да дознае дека уште во јануари 2025 година добил отказ. Тој до неодамна редовно држел часови, имал пристап до е-дневникот, пишувал оценки, одел на Наставнички совет, се потпишувал за присуство, водел евиденција – сѐ што прават и редовно вработените наставници, пишува порталот „Апла“.

Наставникот по ликовно образование Стефан Поповски предавал во три училишта за да оформи полн фонд на часови, а во едното од нив бил тргнат од платниот список уште пред 16 месеци, но никој не му кажал дека му бил раскинат договорот за работа. Во подрачното училиште при ООУ „Тодор Ангелевски“ во Горно Оризари, тој држел по четири работни часа неделно (во шесто и осмо одделение), секој ден доаѓал на работа, на настава, се ангажирал не само околу наставата туку и околу училишните активности, праќал деца на натпревари, на ликовни конкурси, добивал награди, цртал мурали, но за жал не знаел дека е отстанет од платниот список на училиштето и сѐ што му следува по закон за работни односи. Тоа го увидел неодамна и реагирал.

„Веќе два месеци си ја барам правдата, си ги барам одработените пари и стажот, но добивам пораки дека ако ова стигне во јавноста, никогаш веќе нема да работам во образование. Вчера крајно бев избркан од работа, дојдоа директорката на ОУ ‘Тодор Ангелевски’ Битола и подрачната директорка и ми забранија влез во училиштето. Правдата ќе ја барам на суд, судот нека одлучи, а не молкот“, вели Поповски.

Училиштето сега му дало документ за наводниот отказ кој наставникот вели дека првпат го гледа и дека не го потпишал. На отказот нема ниту печат, туку само потпис на поранешната директорка на училиштето. Пишува дека Поповски бил ангажиран до 29 јануари 2025 година и не му се продолжува договорот за работа.

За да биде небулозата поголема, Стефан цела година и повеќе, по наводниот отказ уредно држел часови во училиштето.

„Јас не знаев дека сум добил отказ, напротив продолжувам да држам часови, имам пристап до е-дневникот, пишувам оценки, одам на Наставнички совет се потпишувам за присуство, водам евиденција, сѐ како што прават и редовно вработените наставници. Одам со децата по натпревари, пред два дена со ученичка добивме награда. Откако си ги побарав правата, директорката ми забрани пристап до школото. Сега се прашувам на крај на учебна година сме дали оценките што ги напишав на полугодие се валидни или не за децата?“, прашува наставникот.

Градоначалникот Тони Коњановски вели дека треба работите да се остават да одат според процедурите.

„Внимателно ги следам случувањата со наставникот од ОУ ‘Тодор Ангелевски’ кој преку медиуми информираше за неговиот случај со работното ангажирање. Дадов налог до општинскиот инспектор за образование да ги провери наводите изнесени од страна на наставникот и доколку се утврди дека се точни и вистинити, ќе покренам постапка за разрешување на директорката на училиштето“, вели Коњановски.

Случајот со наставникот по ликовно Стефан Поповски доаѓа во исто време додека во Владата е актуелен обратен случај – таму вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи со месеци не оди на работа и зема плата, а премиерот Христијан Мицкоски и покрај тоа не му дава отказ.

Никој во Владата не кажува дали вицепремиерот Фетаи зема плата и покрај тоа што од март не се појавил на работа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот