Наставниците бараат зголемување на платите, МОН ја обвинува опозицијата

Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Барањето е резултат на растот на цените, како и на растот на просечната плата, која е многу повисока од просечната плата на вработените во образованието, сметаат од Наставничкиот пленум

Зголемување на платите во основното и средното образование побара Наставничкиот пленум преку писмо до надлежните, заканувајќи со бојкот на наставата во септември. Писмото е упатено до министерката за образование и наука Мила Царовска, до Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и до Независниот синдикат за образование и наука (НСОН).

– Ова барање е резултат на растот на цените на производите, како и на растот на просечната плата, која е многу повисока од просечната плата на вработените во образованието – сметаат од Пленумот, од каде што очекуваат синдикатите да го поддржат нивното барање.

Минатата недела Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) апелираше итно да се реши статусот на околу 4.700 наставници и стручни соработници во образованието, кои во моментов немаат договори за вработување на неопределено време. Нивното главно барање е договорите за вработување на определено време да бидат најмногу до една година.

Царовска, пак, ги повика опозициските пратеници да му објаснат на Пленумот зошто ги блокираат во Собранието измените во Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, со кои на наставниот кадар му се обезбедува континуиран раст на платите согласно со зголемувањето на минималната плата во државата.

„Платите на наставниците во последните четири години се зголемени за повеќе од 2.000 денари, додека претходната власт во период од седум години ги зголеми за само 850 денари“, пишува во реакцијата на МОН.

Во реакцијата, Царовска посочи и дека измените во законот што опозицијата го блокира налагаат сите нови вработувања во училиштата да бидат директно на неопределено време, наместо, како досега, да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација. Со стапувањето во сила на законските измени, додаде таа, сите наставници и стручни соработници што во овој момент се ангажирани на определено време, ќе добијат решение за трајно вработување доколку ги исполнуваат предвидените законски услови.

– За првпат законски се дефинираат компонентите на платата на наставниците и на стручните соработници, со што се овозможува исплата на додатоците на плата за претходно стекнатите педагошки звања како резултат на успешност во работењето, додатокот за одделенско, односно класно раководство, за работа во комбинирана паралелка и за работа во ридско-планинско подрачје, за кои во минатото имаше реакции дека не се исплаќаат од училиштата – појасни Царовска.

МОН: Зголемени ученичките и студентските стипендии

МОН ги објави и конкурсите за доделување ученички и студентски стипендии за учебната 2021-2022 година и соопшти дека годинава се зголемени износите и се воведени нови категории стипендии.

Новост е и дека од септември во основното и во средното образование во употреба ќе бидат само електронските дневници, со што ќе наставниците ќе бидат растоварени од обврската да водат двојна евиденција во воспитно-образовниот процес.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот