Настан во чест на Горан Стефановски ќе се одржи во Дебар Маало

Покрај клупата на Горан Стефановски во Дебар Маало, проследено со тивка акустична музика од бендот „Amniotic Fluid“, на 14 декември, со почеток во 17 часот, ќе се одржи настан на кој ќе бидат вклучени сијаличките во паркот и симболично ќе му биде оддадена почит на Горан, а по повод 70 години од неговото раѓање.

Настанот е организиран од Делегацијата на ЕУ и „Јуроп хаус Скопје“ и ќе биде повод низ дружење и неформален разговор да се потсетиме на моментите од животот на Горан Стефановски и неговите дела.

На собирот ќе се обрати амбасадорот на Европската Унија, Н.Е. Дејвид Гир, а кон Горановиот живот и дело ќе се осврнат членови на неговото семејство, како и авторот Иван Антоновски, познавач и промотор на делото на Горан.

Паркот, покрај ЛЕД и соларните сијалички, ќе биде украсен со рачно изработени сувенири од природни материјали, а на секој од нив ќе биде испишан цитат на Горан Стефановски, на сите европски јазици.

„Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ’рбетот на нашиот идентитет“, е цитатот од Горан Стефановски.

Преводите на цитатот беа обезбедени во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, пријателите на Горан и колегите од Делегацијата на ЕУ.

Во случај на неповолни временски услови, неформалното дружење по обраќањата ќе биде преместено во Театарот на сенки и облаци, до гостилница „Наџак“ во Дебар Маало.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот