Насилството фрли црна дамка врз идејата на протестот

протести скопје француски предлог вмро дпмне левица
Протест против францускиот предлог / Скопје, јули 2022 / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Повредени полицајци, приведени демонстранти, оштетени згради на државни институции, расфрлени камења и предмети, откорнати канти за отпадоци и бекатонски плочки е билансот од вчерашните протести пред Собранието против „францускиот предлог“ за отстранување на пречките за старт на преговорите на Македонија со Европската Унија.

Според информациите на МВР, повредени се 47 полициски службеници, од кои 11 потешко, а двајца од нив имаат сериозни повреди. Приведени се 11 лица од толпата од кои двајца се малолетници.

– На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега, информираа од МВР.

За време на протестот, додаваат оттаму, направени се оштетувања на прозорците и фасадите на зградите на Владата, МНР и Собранието. Покрај ова, скршени се 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетена се и полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.

Пробиени полициски барикади

На инцидентите им претходеше протестот против „францускиот предлог“ за „зачувување на идентитетот и јазикот“ кој почна од пред Влада, продолжи пред МНР и заврши пред Собранието. Стотина млади демонстранти, меѓу кои и со качулки на главите, ја урнаа оградата и почнаат да фрлаат камења кон собраниската зграда, а кон полицајците беа фрлани пиротехнички средства, но и еден молотов коктел.

Полицискиот кордон кој стоеше непосредно пред зградата на парламентот ги потисна демонстрантите кон паркот Жена борец, по што беа уапсени неколку учесници на протестите. Во моментот кога протестот ескалираше, голем дел од демонстрантите си заминаа од пред Собранието.

Маскираните демонстранти претходно се обидоа да предизвикаат инциденти. Тие гаѓаа со камења и пиротехника кон полицијата во близина на скопското Кале, а потоа фрлаа камења и кон дуќаните во стоковна куќа „Мост“, скандирајќи антиалбански пароли. Дел од демонстрантите својот револт го изразија и пред зградата на МНР кон која фрлаа со јајца и други предмети.

Осуди и меѓусебни обвинувања

За насилствата, вандализмот и инцидентите на протестот стигнаа осуди од сите страни, а власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваа чии биле луѓето со качулки на главата.

Премиерот Димитар Ковачевски на протестантите им порача: „Нема да дозволиме да се повтори 27 април“.

„Тоа што синоќа се случи пред Собранието не е вистинското лице на европска Република Северна Македонија, земја членка на НАТО. Протестите се демократско право на секој граѓанин, но насилството не може да се оправда со ништо. На потпалувачите на протестите ќе им порачам – не манипулирајте и не злоупотребувајте млади луѓе за да ги задоволите вашите политички апетити. 27 април нема да се повтори!“, напиша Ковачевски на Фејсбук.

Со осуда за вандализмот и насилството се јавија и од СДСМ.

„Овој насилен начин на делување на ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица го покажува нивното вистинско деструктивно и насилно лице. Протестот е загарантирано право, но насилството е кривично дело и одговорност за ова мора да понесат сите инволвирани“, потенцираа од владејачката партија.

И претседателот на Собранието Талат Џафери го осуди насилството  на протестите.

„Признавам и поддржувам сечие право на протест, на искажување став. Постојано и силно осудувам хулиганство, насилство, поттикнување на омраза, зашто тие не се решение“, напиша Џафери на Фејсбук објавувајќи видео од штетите направени врз собраниската зграда.

Според лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев, насилствата биле поттикнати од уфрлени провокатори на власта.

– Инцидентите кои се случија, а потоа и бруталноста која се демонстрираше на дел од учесниците на протестот, се резултат на инсталациите на Спасовски и Ковачевски кои транспарентно го најавуваа сценариото кое го применија. Таквиот театар каде ќе упаднат инфилтратори пратени од полицијата, а потоа ќе се апсат луѓе, е за дефокус на вниманието од предавството кое го прават, рече Мицкоски во интервју за Дојче Веле.

„Синоќа не ви влеговме во стапицата на тајната полиција. Уфрлените провокатори со качулки од АНБ, кои застанаа пред транспарентот на Левица, беа навреме „прочитани” и левичарите се дистанцираа од нив со санитарен кордон! Не ви паѓаме на тие евтини финти, за после да имате основ да го поапсите цело раководство на партијата“, реагираше Апасиев на Фејсбук.

Осуда за насилството и вандализмот за време на протестот против „францускиот предлог“ стигна и од евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.

„Ги осудувам синоќешните сцени на насилство против полицијата во Скопје која ги извршуваше своите задачи. За такви сцени нема место во едно демократско општество. Повикувам на воздржаност, почит и одговорност“, порача Гир преку неговиот Твитер профил.

Инаку илјадници граѓани поддржани од политички партии и граѓански организации неколку дена протестираат против „францускиот предлог“ за тргање на бугарското вето и отворање на процесот на преговори за членство на Македонија со ЕУ. Демонстрантите сметаат дека со овој предлог се „бугаризира“ Македонија, не се признава македонскиот јазик и историја и бараат Владата да го отфрли.

Спасовски: Формирана е истрага за организирана структура

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој денеска ги посети повредените полицајци, зборувајќи за предизвикувачите на насилствата, рече дека станува збор за организирана структира за која веќе е формирана истрага која ја води оперативен штаб, но не даде повеќе информации во корист на истрагата. Тој испрати порака и до политичките партии.

– Протестот е декомократско право, но никако не смеат да се организираат насилства и рушење на државата и уставниот поредок. Да не дозволиме да се продолжи со насилство , удари врз полициските службеници и државните институции, рече Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот