Рекламата на „Ексфинити“ / Фото: Скриншот/Јутјуб

ВИДЕО | Според експертите за маркетинг, ова се најдобрите реклами на Супербоул 2026

Пред нас е големото финале на Супербоул, кое ќе се одигра на стадионот „Ливајс“ во Санта Клара, Калифорнија. За титулата шампион на Националната фудбалска лига ќе се борат Сиетл Сихокс и Њу Ингланд Пејтриотс, во натпревар што традиционално го следат стотици милиони гледачи ширум светот.

Иако американскиот фудбал не е меѓу најпопуларните спортови кај македонската публика, Супербоулот секоја година буди интерес и кај нас – најмногу поради спектаклот што го нуди надвор од теренот. Настапот на полувремето одамна е глобален поп-културен настан, а годинава шоуто е доверено на Бед Бани, една од највлијателните музички ѕвезди на денешницата.

Но, покрај музиката, Супербоулот е и најголемата рекламна сцена во светот. Компаниите издвојуваат и до 10 милиони долари за само 30 секунди рекламен простор, а рекламите редовно стануваат подеднакво коментирани како и самиот натпревар.

Според експертите со кои разговараше „Њујорк пост“, годинашните реклами јасно покажуваат дека „парите се вратија“.

„Навистина се чувствува дека буџетите повторно се тука. Брендовите одат до крај – не само со славни личности, туку и со обемот на продукцијата, кој е многу поголем“, вели Зои Кеслер, извршна креативна директорка во рекламната агенција „Јоханес Леонардо“.

Слично размислува и Вил Троубриџ, основач и извршен директор на агенцијата „Сејлор“.

„Ова е единствениот ден во годината кога луѓето навистина седнуваат да ги гледаат рекламите, наместо да бидат прекинувани од нив. Тоа е неверојатна можност брендовите да создадат навистина забавна содржина“, истакнува тој.

Еве кои се најдобрите реклами од 2026 година, според експертите.

„Ексфинити“

Оригиналните ѕвезди од „Паркот Јура“ (Jurassic Park)– Лора Дерн, Сем Нил и Џеф Голдблум – повторно се обединуваат во реклама која духовито го пародира култниот филм од 1993 година, поставувајќи ја тезата како приказната би изгледала поинаку доколку тогаш постоел безжичен интернет.

„Луѓе, ова можеше да заврши лошо“, се пошегува Дерн во моментот кога електричниот систем на паркот повторно се вклучува.

„Еден од пристапите што ги гледаме оваа година е користење теми на носталгија и славни личности кои се широко прифатени и добро познати“, вели професорот Дерек Ракер, професор по маркетинг на Бизнис школата Келог при Универзитетот Нортвестерн.

„Тоа е начин брендовите да кажат: ‘Не сакаме да активираме никакви политички или други мини’“.

Тој ја посочува рекламата како „одличен пример за враќање во минатото“.

„Инстакарт“

Неочекуваниот тандем Бен Стилер и Бенсон Бун се здружува како ретро, евровизиски изведувачи во реклама исполнета со носталгија, режирана од Спајк Џонз, авторот на филмот „Да се биде Џон Малкович“.

Нарекувајќи ја „чиста забава“ и „чиста носталгија“, Магда Томашевски, директор за групен бизнис во агенцијата Ар-џи-еј, истакнува дека станува збор за пример на бренд кој се потпира на вистински забавен маркетинг.

„Ова е реклама што не е само промоција на производ, туку навистина ја забавува публиката“.

И Вил Троубриџ бил импресиониран.

„Фактот што Спајк Џонз ја режирал ѝ дава уметничка тежина, во комбинација со Бен Стилер – еден од омилените комичари на милениумската генерација и омилената поп-ѕвезда на генерацијата зет. Тоа е неверојатна комбинација што може да привлече публика од секаде и да им даде чувство на значење“, вели тој.

„Рокет мортиџ“

Лејди Гага се појавува во едноставна, црно-бела реклама за „Рокет мортиџ“ и „Редфин“, во која изведува обработка на песната „Won’t You Be My Neighbor?“ од емисијата „Соседството на господинот Роџерс“ (Mr. Rogers Neighborhood).

Експертите ја издвојуваат како реклама која најдиректно, но суптилно, се поврзува со актуелните настани, носејќи порака за заедништво во време на случувања како имиграциски рации и протести низ земјата.

„Брендовите никогаш нема да бидат поларизирачки, но… навистина ме допре оваа реклама. Моќна е. Не е политичка, а сепак е… и не е пренагласена“, вели Зои Кеслер.

„Ми делуваше исклучително шармантно и елегантно“.

Троубриџ се согласи, пофалувајќи ги брендовите што понудиле „забавна содржина, а не реклама што го прекинува доживувањето“.

„Фанатикс спортсбук“

Кендал Џенер се појавува во реклама за „Фанатикс спортсбук“, шегувајќи се со наводното „љубовно проклетство“ на семејството Кардашијан.

Триесетгодишната манекенка, која во минатото била во врска со неколку кошаркари од НБА-лигата, вели дека секој кошаркар што ќе излезе со неа „влегува во лош период“.

Потоа таа покажува луксузен дом, винтиџ автомобил и приватен авион, сугерирајќи дека сè тоа го добила обложувајќи се на неуспесите на своите поранешни партнери.

„Оваа реклама делува навистина паметно“, вели Кеслер, посочувајќи дека очигледно таргетира луѓе кои вообичаено не се вклучени во спортско обложување.

„Има многу умно користење на славна личност. Кога идејата е изградена токму околу таа личност, резултатот е прецизен и ефективен“, додава таа.

„Грабхаб“

Џорџ Клуни глуми во реклама за сервисот за достава, во која ексцентрично друштво вечера во луксузен имот, за на крај да им биде послужен непосакуваниот последен „курс“ – трошоците.

Клуни се појавува во моментот кога никој не сака да плати, со пораката дека „Грабхаб ќе ги покрие трошоците“.

„Рекламата што најмногу ме изненади беше Џорџ Клуни во ‘Грабхаб’“, вели Томашевски. „Еве ме, зборувам за неа!“.

И Троубриџ му даде високи оценки, истакнувајќи дека ангажирањето ваква ѕвезда сигурно остава впечаток.

„Убер итс“

Овој бренд веќе е препознатлив по своите реклами за големото финале – во минатите години се појавуваа семејството Бекам, Чарли Икс-си-икс и Метју Меконахи.

Меконахи се враќа и оваа година, заедно со Бредли Купер и Паркер Поузи, по нејзиниот подем со серијата „Белиот лотос“ (White Lotus). Во рекламата, тој се обидува да ги убеди останатите во теорија дека американскиот фудбал всушност постои – поради храната.

„Навистина продолжувам да уживам во кампањата на ‘Убер итс’“, вели Томашевски.

„Секогаш е забавно да се види кои славни личности ќе ги вклучат и како ќе се развие приказната“.

„Данкин“

Бен Афлек се враќа по четврти пат во реклама за финалето, овојпат за брендот кафе со кој најчесто го фотографираат папараците. Во тизерот му се придружуваат неколку ѕвезди од деведесеттите години, меѓу кои Џенифер Анистон, Џејсон Александер и Мет ЛеБлан. Рекламата е продуцирана од продукциската куќа „Артистс еквити“, во сопственост на Афлек и Мет Дејмон.

„Гледањето како омилените славни личности се шегуваат на своја сметка создава чувство на блискост“, вели Томашевски.

Тaa додава дека Афлек често е тема на интернет мемиња поради фотографиите на кои купува кафе од „Данкин“ и забележува дека интернет-културата сè почесто се прелева во рекламите.

„‘Данкин’ има навистина одличен период со соработката со продукциската куќа на Мет Дејмон и Бен Афлек. Многу ме интересира што ќе направат понатаму. Овој тизер дефинитивно ми го разбуди интересот“, заклучува Томашевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот