Најавена е нова авиолинија меѓу Охрид и европска метропола
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт, Александар Николоски, вечерва во гостување на „Канал 5“се пофали дека со доаѓањето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во туризмот се бележел раст од 20%, а била отворена 21 нова дестинација кон Скопскиот и Охридскиот аеродром.
Препорачано
– Дваесет проценти раст имаме на туризмот од изборот на оваа Влада. Ние правиме многу во делот на привлекување на туристи, за само една година обезбедивме 21 нова дестинација кон скопскиот и охридскиот аеродром. „Аустриан ерлајнс“ ќе лета редовно меѓу Виена и Охрид, што дополнително ќе го поврзе градот со цела Европа – рече Николоски.
Николоски повтори дека на Македонија ѝ се потребни нови хотели, наведувајќи дека сегашните се стари. И во оваа прилика, Николоски испушти да го спомене огромниот хотелски комплекс што во Горица кај Охрид, со кршење на десетина законски прописи, го гради поранешниот шеф на тајната полиција и сопартиец на Николоски во ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков.
– Хотелските комплекси кои ги имаме во Македонија со исклучок на неколку објекти во Скопје, се од 70-тите и 80-тите години на минатиот век. За да се изгради еден хотел, потребно е да се донесе цел детален урбанистички план. Мислам дека мнозинството е тивко и мнозинството ова го поддржува и мора да ја олесниме процедурата. За изградба на хотели, не за апартмански комплекси, не за апартмани за продавање, исклучиво за хотели тоа е таканаречена Б5 категорија и дури еве можеме да се договориме, тоа да може да се прави за инвестиција којашто ќе е над „икс“ вредност – рече Николоски.


