Како што за телевизијата појаснува Шпетим Положани, протестот е организиран од Здружението за политички затвореници, заедно со Советот на семејства на лица кои се осудени и затворени, вклучувајќи ја и групата осудена за вооружениот напад во “Диво Насеље”.

Како збирно место се посочува плоштадот Скендербег во Скопје, а потоа се очекува протестантите да се упатат кон Кривичниот суд. Вооружениот напад врз полицијата се случи на 9 и 10 мај 2015 година. Жителите на кумановското „Диво Насеље“ рано изутрината ги разбудија рафали кои продолжија во наредните 48 часа.

Во престрелките загинаа Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, а 37 полицајци беа ранети.