Најавата на Мицкоски за повеќе пратенички групи, на СДСМ му мириса на нов „27 април“

ВМРО-ДПМНЕ размислува за нова блокада на Соранието. Ваквата можност вчера лично ја најави опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Тој најави дека во партијата сериозно се размислува, наместо како досега во Собранието да функционира една пратеничка група од 44 пратеници, да се формираат неколку. На ваков начин, според Мицкоски, со демократски алатки, ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на однесувањето на Џафери.

За ваквата најава на опозициската партија, спикерот Џафери вели дека нема основ пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да се подели во неколку табори, со посебни координатори.

-Политичката клима сега е поинаква во споредба со атмосферата во 2017 година, кога тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ реши да формира 10 пратенички групи. Вчера одбележавме 4 години од настаните на 27 април и сметам дека веќе ги оставивме зад нас таквите методи на дејствување. Тогаш политичката клима беше поинаква и оставивме простор и за такво дејствување, сега климата е поинаква, рече Џафери.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека согласно членот 33 од Деловникот во Собранието се основаат пратенички групи, и дека ставот два од истиот член предвидува пратеничката група да ја сочинуваат најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии.

-Ова значи можност за формирање на пратенички групи кои ќе имаат по пет пратеника кои со допис ќе го известат претседателот дека се одвојуваат, односно формираат една пратеничка група. Меѓутоа ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе го преиспитаме целокупниот однос на претседателот Џафери кон опозицијата и во наредниот период ќе заземеме став, не само за ова прашање туку и за интерпелација на носител на јавна функција, рече Мицевски.

За пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов барањето на ВМРО-ДПМНЕ за повеќе пратенички групи го враќа во минатото, на крвавите настани од 27 април.

-Во однос на најавата на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на повеќе пратенички групи кај мене и кај огромен дел од мнозинството граѓани навестува некаква најава за она што значеше 27 април 2017 година. За жал таа режимска матрица на ВМРО-ДПМНЕ кое се уште е раководено од Никола Груевски не е излезена. Не ме изненадува особено после протестите каде што излегоа во знак на поддршка на луѓето кои тие ги нарекуваат уставобранители, а кои всушност имавме можност да ги видиме ние граѓаните да ги почувствувате вие новинарите и пратениците кои беа дел од 27 април и собраниските служби, рече Костадинов.

На почетокот на минатиот собраниски состав ВМРО-ДПМНЕ како опозициска коалиција формираше 10 пратенички групи, но тој концепт не се покажа како успешен. По доаѓањето на Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ, пратениците почнаа да функцинираат како една пратеничка група. Планот пропадна бидејќи десетина пратеници се приклучија кон одлуките на владејачкото мнозинство.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот