Мартин Вучиќ и „Ај кју“ / Фото: EPA

Наградата „Барбара Декс“: Мартин Вучиќ и „Ај кју“ беа прогласени за најлошо облечени на Евровизија

Изборот на песна за Евровизија не е само музичко натпреварување, туку и синоним за гламур и своевидно модно шоу. Сепак, во обид да изгледаат поинаку од останатите, некои од евровизиските претставници се вистинско разочарување за љубителите на модата.

Поради тоа, основачите на холандската веб-страница „Хаус оф Јуровижн“, Едвин ван Тило и Роб Паардекам ја создадоа наградата „Барбара Декс“, која од 1997 до 2021 година се доделуваше на евровизиските претставници со најлоши модни комбинации. Оваа непосакувана награда е именувана по белгиската пејачка Барбара Декс, која ја претставуваше својата држава во 1993 година. Таа се појави на евровизиската сцена во полупроѕирен фустан, кој сама го направила. Уредникот на евровизиската веб-страница „Вивиблогс“, Вилијам Ли Адамс во една прилика изјави дека фустанот на Барбара Декс „личи на собна ламба“.

Пејачката Дебора Скери, која ја претставуваше Малта во 1997 година, беше првата „среќна“ добитничка на оваа награда. Во првите две години, евровизиските фанови од „Хаус оф Јуровижн“ правеа интерен избор, но во 1999 година одлучија да направат јавно гласање за тоа кој треба да биде следниот добитник на „Барбара Декс“.

Македонија ја доби наградата дури двапати

Македонија учествува на Изборот за песна на Евровизија од 1998 година, а оттогаш нѐ претставуваа повеќе квалитетни музички имиња од македонската естрада.

За жал, нашите претставници дури двапати ја добија наградата „Барбара Декс“ – Мартин Вучиќ (2005) и „Ај кју“ (2018).

Мартин Вучиќ на евровизиската сцена во 2005 година / Фото: EPA/SERGEY DOLZHENKO

Вучиќ, придружните вокали и танчарките кои ги придружуваа на сцената настапија во креации на кои доминираа розовата боја и цветните мотиви.

Што се однесува до „Ај кју“, пејачката Марија Ивановска се појави на сцената во креација во циклама боја, која наликуваше на сако закопчано наопаку, а потоа го соблече и под него носеше кратки панталони со боди со богата текстура. Оваа модна комбинација беше дело на стилистката Милена Танаскоска.

„Ај кју“ на Евровизија во 2018 година / Фото: EPA-EFE/JOSE SENA GOULAO

Нова награда со позитивна конотација

Веб-страницата „Хаус оф Јуровижн“ престана да постои во 2016 година, а доделувањето на наградата „Барбара Декс“ ѝ го препушти на белгиската веб-страница „Сонгфестивал“ и нејзиниот основач Џаспер ван Бисен. Од 2019 година, критериумот „најлоша модна комбинација“ беше променет во „највпечатлива модна комбинација“.

„Наградата за највпечатлива модна комбинација нема намера да посочи што е грдо, а што не е, и не сака да го претстави музичкиот фестивал во лошо светло“, рекоа од веб-страницата „Сонгфестивал“, откако ги сменија правила за доделување на наградата „Барбара Декс“.

Минатата година, веб-страницата „Сонгфестивал“ објави дека ќе престане да ја доделува наградата „Барбара Декс“, наведувајќи ја нејзината негативна конотација. Наместо неа, тие создадоа нова награда за „најзначајната модна комбинација“ на Евровизија. По онлајн гласањето, „Сонгфестивал“ објави дека новата награда ќе го носи името „Ти си визија“. Минатогодишниот претставник на Австралија, Шелдон Рајли беше првиот добитник на новата награда.

Кој сѐ ја има добиено наградата?

Пред да ѝ кажеме збогум на „Барбара Декс“, да се потсетиме на сите евровизиски претставици кои ја добија оваа награда.

1997 – Деби Скери – „Let Me Fly“ (Малта)
1998 – Гилдо Хорн – „Guildo hat euch lieb!“ (Германија)
1999 – Лидија – „No quiero escuchar“ (Шпанија)
2000 – Натали Сорс – „Envie de vivre“ (Белгија)
2001 – Пиасек – „2 Long“ (Полска)
2002 – Михалис Ракинцис – „S.A.G.A.P.O.“ (Грција)
2003 – „Тату“ – „Ne ver’, ne boysia“ (Русија)
2004 – Санда Ладоши – „I Admit“ (Романија)
2005 – Мартин Вучиќ – „Make My Day“ (Македонија)
2006 – „Нонстоп“ – „Coisas de nada“ (Португалија)
2007 – Века Сердучка – „Dancing Lasha Tumbai“ (Украина)
2008 – Жизела – „Casanosa“ (Андора)
2009 – Золи Адок – „Dance With Me“ (Унгарија)
2010 – Милан Станковиќ – „Ово је Балкан“ (Србија)
2011 – Елдрин – „One More Day“ (Грузија)
2012 – Рона Нишлиу – „Suus“ (Албанија)
2013 – „Моје 3“ – „Љубав је свуда“ (Србија)
2014 – Вилија Матачиунаите – „Attention“ (Литванија)
2015 – Тријнтје Остерхуис – „Walk Along“ (Холандија)
2016 – Нина Кралјиќ – „Lighthouse“ (Хрватска)
2017 – Славко Калезиќ – „Space“ (Црна Гора)
2018 – „Ај кју“ – „Lost And Found“ (Македонија)
2019 – Конан Осирис – „Telemóveis“ (Португалија)
2021 – Тикс – „Fallen Angel“ (Норвешка)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот