пожарникари скопје треска (12)
Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Надлежните дури денеска ќе договараат што ќе прават со азбестниот отпад од „Треска“

Во однос на пожарот во „Треска“, ќе се направи анализа, ќе се исчисти теренот и ќе се однесе во „Дрисла“ каде што се складира и опасен отпад, но прво треба со анализа да се види дали ќе се третира како комунален отпад со мала количина на азбест или како опасен отпад. Анализите тоа треба да го покажат, вели директорот на ДИЖС, Сретен Стојковски.

Сѐ уште нема одговори за тоа како се случи големиот пожар во поранешната фабрика „Треска“, што гореше во тој со години запуштен простор и каква штета направи горењето на азбестниот покрив на фабриката врз околното земјиште и врз здравјето на жителите на Скопје, особено на оние што живеат во непосредна близина.

Познато е дека азбестната прашина е опасна и предизвикува сериозни заболувања на белите дробови, но за време на пожарот и по него никој од надлежните не алармираше и не ги извести граѓаните како да постапат за да се заштитат. Единствени што поставуваа прашања и бараа одговорност беа граѓанските организации.

 – Сите ние што бевме надвор додека гореа азбестни кровови во „Треска“, бевме изложени на азбестни влакна што предизвикуваат многубројни респираторни проблеми, тие се канцерогени и предизвикуваат рак на белите дробови. Азбестот е на листата на опасен отпад. Немаше јавно предупредување за тргање од улиците и парковите и затворање на прозорците дома додека азбестниве влакна си патуваа низ воздухот, кој го вдишувавме. Загрозено беше и сè уште е здравјето на секој жител на Скопје, особено на тие од Центар, Карпош и Ѓорче, поради ветерот. Азбестните влакна остануваат вo воздухот 48-72 часа, значи два до три дена, пред да паднат на земја – реагираа од „О2 Иницијатива“.

Оттаму прашаа кога од градот ќе се отстранат азбестниве покриви и изолации на безбеден начин и кој ќе ги обесштети граѓаните што се изнадишаа азбестни влакна.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски веднаш по пожарот најави итно чистење на просторот на поранешната фабрика, споредувајќи го теренот со Чернобил. Тој сподели информација дека покривот на „Треска“ има 35.000 до 40.000 метри азбестни плочи, а со пожарот бил зафатен и дел од покривот.

Денеска во 15 часот ќе се оддржи состанок на Кризниот штаб на Општина Центар, на кој ќе присуствуваат и претставници од другите надлежни институции. На состанокот ќе се расправа за начините на чистење на отпадот и анализа на последиците од пожарот што се случи во „Треска“.

-Какви материјали гореле и дали биле закана по здравјето, засега можеме само да претпоставуваме. Откако ќе се изврши анализа од стручните институции, ќе имаме прецизен увид, но и ќе донесеме одлука за следните чекори како најбрзо и најбезбедно да го отстраниме целиот отпад и расчистиме просторот. Општината ќе се координира со останатите надлежни институции и ќе преземеме соодветни мерки – рече градоначалникот Герасимовски и најави дека Општина Центар ќе побара од овластени лаборатории за животна средина да извршат мерења и достават извештаи од мерењата, за да се одредат следните чекори.

Директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски вели дека и тие ќе присуствуваат на состанокот за да го споделат своето искуство за чистење на опасен отпад.

– Во однос на пожарот во „Треска“, ќе се направи анализа, ќе се исчисти теренот и ќе се однесе во „Дрисла“ каде се складира и опасен отпад, но прво треба со анализа да се види дали ќе се третира како комунален отпад со мала количина на азбест или како опасен отпад. Анализите тоа треба да го покажат – вели Стојковски.

Тој објаснува дека инспектори на ДИЖС веднаш по пожарот излегле на терен, но не им бил дозволен пристап поради небезбедност. Денеска пред состанокот на Кризниот штаб повторно ќе го посетат теренот.

– Од она што го видовме, паднат е дел од покривот, горени се дрвени материјали и сунѓери. Таму треба да постапува овластен инспектор за животна средина и Општина Центар, ние сме повеќе за индустриски капацитети со А-интегрирана дозвола. „Треска“ е во стечај од 2005 година, а во 2010 се вршени класификациите. Тука се измешани надлежностите, дел е приватна сопственост, па онаму каде што е приватна сопственост, сопствениците сами треба да го организираат чистењето – објасни Стојковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот