Над 80 отсто од увезените автомобили во земјава се половни
Иако бројот на возила во земјава е речиси двојно зголемен во последната деценија, македонскиот возен парк не се подмладува, напротив, станува сè постар. Анализата на МИА, врз основа на податоци од Царинската управа и Државниот завод за статистика, покажува дека над 80 проценти од увезените автомобили во изминатите десет години се половни, а годинава на еден нов автомобил доаѓаат дури 3,5 употребувани.
Препорачано
Од увезените 62.069 возила минатата година, 53.867 се патнички. Само 12.025 се нови, наспроти 41.842 половни автомобили. Вкупно од 2009 година наваму се увезени над 631 илјада патнички автомобили, од кои повеќе од 81 процент се половни.
Во меѓувреме, бројот на регистрирани возила е дуплиран од околу 351 илјада во 2012 година на речиси 700 илјади во 2024 година. Сепак, просечната старост на автомобилите е зголемена од 15,7 години во 2009 на 19,4 години лани. Над 87 проценти од возилата на патиштата се постари од десет години, а само 1,8 проценти се не постари од две години. Повеќе од 455 илјади автомобили се произведени пред 2010 година, односно се под Еуро 5 стандард.
Скопје е доминантен центар на моторизацијата – секое трето возило во земјава е регистрирано во главниот град. Во Скопје се наоѓаат над 33 проценти од патничките и 38 проценти од товарните возила во државата.
По погон, дизелот убедливо доминира со околу 63 проценти од патничките автомобили, додека бензинците паднале на околу 26 проценти. Иако електричните и хибридните возила сè уште учествуваат со околу еден процент, нивниот раст е најбрз – лани бројот на електрични возила пораснал за 169 проценти, а на хибридните за 295 проценти.
Податоците укажуваат дека земјава се соочува со парадокс: сè повеќе автомобили на патиштата, но со повисока просечна старост, што има директни импликации врз загадувањето, безбедноста и енергетската ефикасност.


