Над 500 нови случаи на ковид-19: МВР бележи прекршувања на „полицискиот час“ и на препораките

Македонска полиција / Фото: МИА
По порастот од над илјада новозаболени од ковид-19, вчера Министерството за здравство (МЗ) регистрира 541 нов случај на коронавирусот од направени 2.789 тестирања. Повеќе од пола од новодијагностицираните случаи се во Скопје. Починаа 19 лица на возраст од 55 до 89 години.
Во земјава е воведен полициски час и забрането е движење во периодот од 22 часот навечер до 5 часот наутро, но сепак, голем е бројот на оние кои го прекршуваат. Според Министерството за внатрешни работи (МВР), во изминатото деноноќие 32 лица не ја почитувале забраната за движење, а 564 лица не носеле заштитни маски, иако тоа е една од препораките за да се спречи натамошното ширење на вирусот.
За време на викендот затворени се и пет правни субјекти и два угостителски објекти каде била затечена состојба спротивно од Законот за заштита на населението од заразни болести.
– Во изминатите две деноноќија затворени се пет правни субјекти, три во Скопје, од кои една игротека во која беше затечена роденденска прослава и два угостителски објекти каде беше затечена состојба спротивно од Законот за заштита на населението од заразни болести. Во истите беа затекнати голем број на гости кои не седеа по четворица на маса, послужување на пијалаци на шанк, играње и групирање спротивно на Одлуката, изјави за МИА Александра Котели од Државниот пазарен инспекторат.
Затворен е еден објект и во Тетово каде со асистенција со припадници на МВР била прекината свадбена прослава на која биле затекнати 50 гости. Во уште два нерегистрирани објекти во Скопје е утврдено прекршување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Законот за вршење на нерегистрирана дејност.

Дел од затворените објекти се и стриптиз бар во селото Крушопек, угостителски објект во ТЦ „Мавровка” и локалите „Интермецо” и „Три кичен”.

Зголемениот број на нови случаи од ковид-19 го зголеми и бројот на пациенти со компликации кои се хоспитализираат. Така, во изминатите 24 часа во Скопје беа хоспитализирани 55 пациенти, а вкупно 428 сомнителни и потврдени лица се лекуваат на инфективните оддели. На ниво на држава, вкупната бројка на хоспитализирани е 1.015 лица. Има околу 350 слободни кревети.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во државата од почетокот на епидемијата изнесува 112.646. Бројката на оздравени е 97.687, на починати 3.319, а на активни случаи 11.640. Досега се направени 566.183 тестирања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот