Над 1.500 нови жртви на семејно насилство и психолошкиот терор лани
Во однос на 2021 година, има благ пад на семејното насилство од 4,3 отсто, забележале од Министерството за труд и социјала.
Се` уште има мажи кои им ја земаат целата плата на своите жени, оставајќи ги притоа без никакви приходи, покажува статистиката на Министерството за труд и социјала. Ваквиот проблем претставува економско насилство и лани имало вкупно 25 такви случаи, потврди министерката Јована Тренчевска.
Препорачано
Според статистиката на триесетте центри за социјална работа во државата, во 2022 година се регистрирани 1.543 нови жртви на семејно насилство, а најголемиот дел од нив (1.051) претпреле психолошки терор. Второ по бројност е физичкото насилство со 836 пријави, а забележани се и пријави за сексуално насилство – 6. Пријавени се и 227 деца, како – жртви на проблемите во семејното опкружување. Во однос на 2021 година, има благ пад на семејното насилство од 4,3 отсто, нотираат од надлежното министрерство.
-Најпроширено е насилството во Скопскиот регион каде има 530 жртви, а најмалку проблематичен е Североисточниот регион со 60 жртви. Доста пријави има и Пелагонискиот регион каде лани имало 241 вакви поднесоци. Жените се најчестите жртви и од вкупниот број на пријави тие поднеле дури 1.074, но имало и мажи (252) кои пријавиле дека претрпеле некаков вид на терор – посочи министерката Тренчевска.
По пријавите на центрите за социјална заштита во засолништата се примени 82 жртви, а до судовите се поднесени дури 2.095 барања за привремени мерки, од кои се одобрени 1.823, додаде Тренчевска.
-Забележани се 1.382 сторители на семејно насилство, а нјабројни се мажите – 1.268. Работиме и со жртвите и со сторителите, а жртвите добиваат и психолошка помош – подвлече министерката.


