Националната галерија реализира амбициозна програма и во тешки времиња

Директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими, востанови убава традиција на неформална средба со новинарите од редакциите за култура на повеќе различни медиуми, на која информира за најзначајните активности на националната установа.

Првите знаци на стивнување на пандемијата на ковид-19 директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими ги искористи за неформална средба во живо со новинарите од областа на културата, иако комуникацијата со нив не беше прекината ниту во пандемиската година, но се одржуваше по електронски пат. Станува збор за нова традиција за годишна средба, на која новинарите од различни медиуми се запознаваат со активностите на галеријата, но и меѓусебно се запознаваат, што нуди можност за нови соработки.

Годинава средбата се одржа на 16 јуни во објектот Даут-пашин амам. На средбата Старова Ќерими го истакна фактот што во пандемиската година во галеријата беа реализирани 15 изложби од различни автори во трите објекти, а галеријата беше активна и на социјалните медиуми. Иако буџетот за проектите од областа на културата беше скратен, сепак установата вложи сопствени сили и работеше со вредностите што ги поседува за да ја одржи активноста и во тешки времиња. Поради ситуацијата единствено беше намалена меѓународната дејност.

Установата вложи сопствени сили и работеше со вредностите што ги поседува за да ја одржи активноста и во тешки времиња / Фотографија: Денис Јагџи

Активностите на Националната галерија беа препознаени и наградени, а МНК ИКОМ ѝ ја додели наградата Музеј на годината за 2020 година. Исто така, под покровителство на Министерството за култура, Националната галерија го организираше претставувањето на 17. Биенале на архитектурата во Венеција, каде Дита Старова Ќерими беше комесар на проектот „Сега“ на Бирото за проектирање БИНА. Во однос на капиталните инвестиции галеријата вложува максимални напори во подготовка и реализација на проектот за ревитализација на објектот „Мала станица“, кој по завршувањето на целиот процес треба да стане репрезентативен галериски простор.

Неформална средба на новинарите со раководството и кустосите на Националната галерија / Фотографија: Денис Јагџи

Националната галерија има амбициозна програма и за оваа година. Директорката најави дека првиот проект од меѓународната дејност треба да биде изложбата на Жарко Башески во Националната галерија на Косово, додека деталите за проектите што годинава ќе се реализираат во Националната галерија ги соопштија кустосите Ана Франговска и Славица Алексоска.

На 23 јуни во објектот Чифте амам ќе биде отворена јубилејната изложба „110 години од раѓањето на Димче Коцо (1910-2020)“. Изложбата беше одложена минатата година, а годинава ќе биде отворена во рамките на „Скопско лето“. Вишиот кустос Славица Алексоска истакна дека станува збор за доајен на македонската уметност и еден од најзначајните историчари на уметноста, истражувач и уметник. Во творештвото на Димче Коцо се застапени сите ликовни дисциплини, од цртеж преку акварел и масло на платно, но најзначајни се неговите таписерии. Меѓу јубилејните изложби годинава ќе бидат реализирани и проектите 70 години од првата поставка во Уметничката галерија – Скопје (претходник на Националната галерија), како и 150 години од раѓањето на Ѓорѓи Зографски.

Меѓународните проекти што ќе бидат изложени во Националната галерија ги претстави кустосот Ана Франговска. Станува збор за интернационалниот проект под наслов „Допирот“, дел од „Ние сме тука: идни екологии“, проект што се реализира во партнерство со Британскиот совет и агенцијата „Лукс“. Неодамна заврши изложбата „Нови правила“ на уметницата Заке Прелвукај од Косово, а следува миниретроспектива на провокативниот и контроверзен руски уметник Олег Кулик, кој ќе биде претставен со изложбата „Merry Go Round“. Во септември ќе биде претставена инсталацијата „ASC/DESC“ на Горан Деспотовски од Нови Сад.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 85, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18-20 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот