На Светскиот ден на штедење, нашите граѓани чуваат 5,27 милијарди евра
Вкупниот износ на депозитите на населението во септември 2022 година изнесува 5,27 милијарди евра, што претставува пораст од 5,41 отсто споредено со истиот лански период
Фондот за осигурување депозити и Македонската банкарска асоцијација го одбележаа Светскиот ден на штедењето, 31 октомври. Овој ден се одбележува низ целиот свет за да се промовираат личните заштеди во банките и во штедилниците, да се потсетиме на важноста од редовното штедење, креирање мрежа на заштита на депозитите и да потсетиме дека заштедите му помагаат и му овозможуваат на поединецот да ги постигне своите цели и идеи.
Препорачано
Прославата на Денот на штедењето се фокусира на улогата на стабилизатори во општеството што ја имаат штедењето и банкарството во целокупниот финансиски систем. Стабилноста произлегува од довербата во банките, кои се одговорни партнери во општеството, блиски се до клиентите, ги опслужуваат домаќинствата и ги помагаат малите и средни фирми.
Денес, и покрај силните надворешни негативни влијанија врз економијата во Македонија, банкарскиот сектор во Република Северна Македонија може да се оцени како стабилен, цврст, отпорен на глобалната криза предизвикана од воениот конфликт што сè уште трае и се разгорува во Украина, а кому му претходеше долга и сурова борба со пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Доказ за цврстината на банкарскиот сектор е вкупниот износ на депозитите на населението што во септември 2022 година изнесува 5,27 милијарди евра, што е пораст од 5,41 отсто споредено со истиот период минатата година. Секој заштеден денар е денар инвестиран во иднината, велат банкарите.


