На самохрана мајка ѝ се заканува затвор, ја оставила 14-годишната ќерка да се грижи за помалите браќа и сестри

Мелиса Хендерсон со нејзините деца / Фото: Фејсбук, Мелиса Хендерсон

Мелиса Хендерсон, самохрана мајка на пет деца, е обвинета за кривичното дело „несовесно однесување“. Имено, по новонастанатата ситуација со коронавирусот, во мај 2020 година таа се вратила на работа, но градинките и училиштата сѐ уште биле затворени. Бидејќи немало кој да ѝ ги чува децата, Мелиса ја замолила 14-годишната ќерка Линли да ги причува помалите браќа и сестри додека Мелиса е на работа, објави „Daily Mail“.

Наводно, Линли учела во моментот кога нејзиниот четиригодишен брат Тадиус се искраднал од дома и отишол надвор за да си игра со некое од другарчињата. За 10 до 15 минути, Линли приметила дека го нема и го пронашла во домот на неговиот другар.

Во меѓувреме, мајката на другарчето ја пријавила во полиција, а две недели подоцна, Мелиса била уапсена пред очите на нејзините деца. Ако биде прогласена за виновна, на неа ѝ се заканува затворска казна со времетраење од една година и парична казна од 1000 долари. Во извештајот пишува дека на четиригодишното дете можело сешто да му се случи во моментот кога тоа само го напуштило домот.

„Немам зборови со кои би опишала колку лошо се чувствував. Навистина сметам дека сум добра мајка и дека сѐ што правам во животот е за моите деца“, изјавила Хендерсон за списанието „Reason“.

Нејзиниот адвокат, Дејвид Де Лугас тврди дека обвинението е неуставно и бара да биде отфрлено. Овој адвокат, кој бесплатно работи за семејството Хендерсон, тврди дека упатствата за заштита на децата во Грузија велат дека децата можат да ги чуваат помалите деца ако имаат 13 години, со дозвола од родителите.

Сепак, обвинителот Џеф Ленгли смета дека полицајците постапиле разумно при апсењето бидејќи Тадиус бил виден сам надвор и претходно.

Најверојатно, Хандерсон нема да заврши во затвор, изјавил Ленгли, но смета дека е добра идеја да се спречат некои идни ситуации во кои постарите деца ќе се грижат за помалите.

„Ние само сакаме децата во нашата мала заедница да бидат на сигурно“, изјавил Ленгли, а пренесе „Daily Mail“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот