На повидок економска криза?

По бриселското „не“ за датум за пристапни преговори, дел од економистите, што ги контактираше „Порталб“ сметаат дека претстои нова фаза на неизвесност, можен застој во реформските процеси, но и воздржана активност на инвеститорите.

– Секако дека ќе има одредено негативно влијание, особено кај инвеститорите, и кај домашните и кај странските. Бизнисот бара сигурна средина. Многу е важно набрзо да се дознае реалната ЕУ-перспектива на земјата – дали одложувањето е само привремено, или ЕУ сака да нè смести во некоја група земји што никогаш нема да станат членки, но ќе гравитираат околу Унијата. Тоа би значело и сосема нова стратегија за перспективите на земјата, што би имало големо влијание врз економијата. Може еден дел од негативното влијание да се компензира со позитивното влијание од членството во НАТО – вели економистот Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Бриселската разврска донесе предвремени парламентарни избори – нов изборен циклус што неминовно ќе се одрази врз економијата, коментираат економистите.

– Во последните петнаесетина години навикнавме на предвремени парламентарни избори и поради тоа немаме доволно сознанија колку од тие политики би се реализирале доколку една владејачка гарнитура истурка цел мандат. Во суштина, нашите влади и нема што многу да направат во поглед на економскиот раст и развој, доколку се имаат предвид буџетските ограничувања. И тие малку средства што се издвојуваат за капитални инвестиции не успеваат да се реализираат, што поради сложените тендерски процедури, но и поради неспособноста за подготовка на квалитетни проекти, кои би биле во функција на економскиот развој – вели за Порталб, професорот Сами Бислими.

Тој потенцира дека изборниот циклус, кој секако ќе се спроведеше догодина, ќе донесе нов „застој“ во реформите и нова неизвесност кај приватниот сектор.

– Самиот факт што Владата се одлучи на предвремени парламентарни избори, значи дека Владата се определила реформите да ги стави на втор план и борбата да ја сведе на „лов“ на политички поени, зголемување на поддршката, преку популистички мерки што немаат реална економска основа (најавата за зголемување на платите на јавната администрација, во здравството, најавата за зголемување на пензиите, разни социјални пакети и слично). Економски е очекувано дека зголемувањето на платите ќе предизвика зголемување на куповната моќ на граѓаните и ќе ја поттикне агрегатната побарувачка, но во услови на недоволна домашна понуда, единствено ќе го поттикне увозот – вели професорот Бислими.

Не само за компаниите, туку и за граѓаните изборниот циклус носи неизвесност и затоа во вакви период се забележува воздржана потрошувачка, сметаат економистите.

– Изборите секако дека ќе влијаат врз извесно забавување на економијата, кое вообичаено трае од моментот кога ќе се објават, сè до првите месеци од формирањето на новата влада. Ова неминовно води кон намалување на економскиот раст на земјата поради што, во случајов, ќе бидат погодени планираните стапки и за оваа и за следната година, бидејќи изборите се веќе најавени годинава од која има уште два месеца, а негативниот ефект во оваа смисла ќе трае и во цела прва половина од следната година. Бизнисите во ваков период се воздржуваат од инвестирање и проширување, но исто така и граѓаните од трошење – вели Филков.

Како претходница, 100 дена пред предвремените избори, ќе се формира техничка влада според Договорот од Пржино на чело со технички премиер. Според тој договор, Министерството за внатрешни работи, значајно од политички аспект, и Министерството за труд и социјална политика, значајно од финансиски аспект, ќе го водат технички министри од опозицијата. На чело на Владата ќе застане и технички премиер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот