Изгорената дискотека „Пулс“ во Кочани / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На почетокот на декември обвинение за полицајците од „Пулс“ – првото обвинение ќе го бранат 15 обвинители

Иако се најавуваше за почетокот на септември, обвинение за полицајците кои се осомничени за трагедијата што се случи во Кочани и зема 63 жртви, се очекува на почетокот на декември, најави републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

– Во однос на истрагата за полициските службеници, така беше предвидено дека до крај на септември ќе се заврши, меѓутоа имаше објективни околности околу сослушување на одредени сведоци и сега тие сведоци се сослушуваа со тоа што најверојатно на почеток на наредниот месец ќе се донесе јавнообвинителска одлука – рече Коцевски.

За пораките кои беа објавени од комуникацијата меѓу синот на газдата на „Пулс“ и инспектори од Управата за јавни приходи, меѓу кои беше и братот на судијката Даниела Димовска, кои беа суспендирани од УЈП, Коцевски вели дека се води предистрага во кочанското обвинителство.

-Во однос на предистрагата за службениците, односно за оние од Управа за јавни приходи се води предистражна постапка во Основното јавно обвинителство Кочани и надлежниот јавен обвинител дал одредени наредби за преземање одредени процесни дејствија – рече Коцевски.

Идната недела треба да почне судењето за првото обвинение против 34 физички и три правни лица, а обвинението во судница ќе го докажуваат максимум 15 обвинители.

-Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но вчера имавме состанок, ангажиравме уште неколку обвинители имајќи предвид да не се наруши работата на другите обвинители што имаат други предмети, што значи дека можеби секогаш нема да присуствуваат сите обвинители, но секогаш ќе има обвинители за да не се одолговлекува постапката или да не се одлага по вина на Обвинителството. Има екипираност, ние сме договорени за начинот на којшто обвинителите ќе го застапуваат предметот.

Максималниот број на обвинители може да биде и 15 – вели Коцевски. Родителите на загинатите деца за в сабота најавија протест во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот