На лагите им се кратки нозете: Како ВМРО-ДПМНЕ реагираше на демантот на Словачка и Чешка?

По демантот на Словачка и Чешка дека не постои ентитет од Северна Македонија што влијаел на одлуките на двете земји да ги блокираат предлог – заклучоците на ЕУ за проширувањето, од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение кратко велат дека имаат разбирање за нивната реакција.

-Имаме благодарност кон нашите пријатели Чешка и Словачка и земјите од Вишеградстка група за нивниот придонес во нашата заедничка битка за принципи и вредности. Ја разбираме нивната реакција бидејќи повеќе субјекти, вклучувајќи го и претседателот и премиерот на државата ја коментираа поддршката од овие држави, пишува во партиското соопштение. Словачкиот амбасадор и чешкиот заменик амбасадор во Македонија во заедничка изјава го демантираа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, дека поради лобирања во Вишеградската група, беа блокирани заклучоците во кои беа вметнати барањата на Бугарија, за „погрешно толкување на историјата“.

-За жал, одредени ентитети од Северна Македонија почнаа да шират неточни информации дека влијаеле на донесувањето на одлуките на Прага и Братислава поврзани со процесите во рамките на ЕУ. Ниту чешката ниту словачката дипломатија не се свесни за постоење лоби-напори од некои ентитети кои можеле да влијаат на процесот на донесување одлуки во Прага и во Братислава, пишува во изјавата на словачкиот амбасадор и чешкиот заменик амбасадор.

И додека ВМРО-ДПМНЕ не ги демантира Чешка и Словачка, предновогодишно се „разбуди“ дел од партиското членство и ја прошири листата за оставки.

Поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Андонов преку фејсбук го обвини Николоски дека со ширењето лажни вести и прави огромна штета на партијата и поради тоа треба да си даде оставка на функцијата и да се повлече од политичкиот живот.

Навистина, господине Николоски нема потреба поради вашите “ЕКСКЛУЗИВНИ” изјави во медиумите кои подоцна се покажуваат како неточни сите ние и целото ВМРО-ДПМНЕ да бидеме заробеници на истите и осрамотени пред нашите пријатели во ЕУ дека сме манипулатори, шириме невистини и не сме сериозни по клучни прашања за нашата татковина Македонија. Вие на овој начин со својата неодговорна измислена “ексклузивна” изјава ја опструиравте ВМРО-ДПМНЕ во своето претставување како идна сериозна власт во Македонија и довербата на нашите партнери во ЕПП и идни партнери од ЕУ во борбата на сите нас за уривање на предавничката власт на СДС ја урнавте, напиша Андоновски.

Најавите на Николовски дека ВМРО-ДПМНЕ работела со Словачка и Чешка да спречат условот историја да влезе во заклучоците на ЕУ, дојдоа само неколку дена по изјавата на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, кој коментирајќи ја блокадата, рече дека „ништо не е случајно, така и овие држави не случајно застанаа“.

Според СДСМ бесрамна лага е дека ВМРО-ДПМНЕ издејствувала Чешка и Словачка, како членки на ЕУ да се спротивстават на блокадата на Бугарија.

-Уште една шлаканица за потврдените лажговци Мицкоски и Николовски, уште една потврда за ВМРО фејк њуз ДПМНЕ дека е извор на лажни вести. ВМРО-ДПМНЕ е комплетна фек-њуз партија и не случајно меѓународно е препознаена како главен извор на лажни вести и дезинформации, што е посочено и во студија на ЕУ, пишува во партиското соопштение.

А еве што конкретно кажа Александар Николовски во интервјуто за Канал 77.

– Реакцијата на Чешка и на Словачка не е случајна. Содржината ја видоа сите, а тоа е дека не се согласуваат, со тоа условувањата во делот на историјата, на јазикот, на сопствената интерпретација на историјата, да бидат услов за членство во ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ во целиот овој период активно ги информира своите пријатели што и се случува на Македонија и затоа сме во ситуација Чешка и Словачка да бидат поголеми патриоти од Зоран Заев. Како тоа се случи? Постои една група во ЕУ која се вика Вишеград 4, во која членуваат Чешка, Словачка, Унгарија и Полска. Во четирите влади ние имаме големи пријатели. Од тие четири влади три припаѓаат на ЕПП а четвртата припаѓа на европските конзервативци, кои се подесно од Европската народна парртија, рече Николовски.

Според него има неколку работи кои се сплет на околности.

-Прво јавноста остана неинформирана, затоа што не им одговара на овие пропагандисти овде, дека министерот за надворешни работи на Македонија, беше примен од министерот за надворешни работи на Унгарија Петар Сијарто. Истот ден попладнето Чешка и Словачка кои се дел од иста група излегува со оваа реакција а грпата Вишеград 4 секогаш ги координира своите настапи. Последниот пример беше усвојувањето на буџетот на ЕУ каде што имаа координиран настап. И ако гледате наназад, особено со овие водства во четирите држави, кои ги координираат своите политики, и оваа група Вишеград 4, е голем поддржувач на проширувањето на ЕУ, но исто така е голем подржувач на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ таму има големи пријатели почнувајќи со премиерот на Унгарија Виктор Орабан, преку премиерот на Полска, Моравјецки, и неговиот вицепремер Качински, продолжувајќи преку премиерите и претседатели на Чешка и Словачка, така да еве ексклузивно споделувам на Канал 77, дека ВМРО-ДПМНЕ работеше со овие четири држави да спречат условот историја да влезе во заклучоците на ЕУ, рече Николовски во интервјуто.

Николовски уште потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ има сознанија е дека постои договор, меѓу Зоран Заев и Бојко Борисов, за да си помогнат меѓу себе.

-Бојко Борисов да „крева“ пред изборите во Бугарија кои се во март, како што тоа го прави, а Зоран Заев да каже тука немам друг избор, а тоа е ЕУ да усвои заклучоци во кој услов за напредокот на Македонија ќе биде историјата по бугарски терк. Е тоа е тоа што оваа група Вишеград 4, односно Чешка и Словачка, поддржани од Полска и Унгарија го спречија а тоа е да не и се стави на Македонија камен на вратот, затоа што ако и се стави таков услов тоа би значело дека Македонија никогаш нема да почне преговори и да стане членка на ЕУ, рече Николовски.

На адресата на ВМРО-ДПМНЕ неодамна стигна и критика од поранешниот амбасадор на Македонија во Унгарија Игор Есмеров. Тој ВМРО-ДПМНЕ, ја нарече партија без компас и побара оставка од партискиот лидер.

-Мицкоски вети дека ќе поднесе оставка, има морална одговорност. И двајцата претходни претседатели од морални причини си поднесоа оставка. Првпат во 30-годишната историја на ВМРО губи пет избори по ред, а притоа ги зема парите од државата. Мицкоски имаше информации дека ќе се промени името, единствена опција беше да се повикаат гласачите да гласаат против договорот. И на тој начин власта ќе немаше маневарски простор да го промени името. По секое губење на изборите, граѓаните ги валоризираат политиките на СДСМ, а не ги земаат во предвид на ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ сега ми изгледа како партија без компас, има различни ставови за дневна употреба“ рече Есмеров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот