На концертот „Севда“ ќе бидат изведени најубавите љубовни песни од Балканот

Проба за концертот „Севда“ / Фотографија: НУ Филхармонија

Оркестарот на Македонската филхармонија на 16 февруари, со почеток во 20 часот, ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените. Концертот е насловен „Севда“, а како солисти ќе настапат Божо Вреќо, босанскиот „принц на севдахот“, како што го нарекува светската критика, и пијанистот Васил Хаџиманов, миленик на македонската публика, уметник кој го спојува џезот со традицијата на балканското поднебје.

На програмата на концертот се љубовни песни од Балканот, испеани од Тома Здравковиќ, Јадранка Стојаковиќ, Нина Спирова, Александар Сариевски, Шабан Бајрамовиќ, аранжирани за симфониски оркестар од Дијана Имери Илкоска, која воедно ќе застане зад пултот и ќе го води оркестарот на Филхармонија низ ова несекојдневно музичко патување.

Дијана Имери Илкоска е една од најнадежните македонски диригенти. Своето образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност – Скопје, каде дипломира во класата на проф. Саша Николовски – Ѓумар, а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев.

Уште во студентските денови, интензивно работи како асистент на маестро Ѓумар со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а бележи настапи на повеќе престижни подиуми, меѓу кои и фестивалите „Охридско лето“ и „Скопско лето“ со Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија. Нејзиниот настап беше проследен од легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки, кој упати бројни пофалби за младата диригентка.

Во 2020 г. остварува соработка со светски познатиот диригент – Маестро Урош Лајовиц (Словенија/Австрија), кој за неа ќе каже: „Дијана Имери Илкоска е исклучителен талент и диригент кој може да ги оствари сите свои диригентски желби и да направи убедливи креации.“

Солистот Божо Вреќо и диригентката Дијана Имери Илкоска на проба за концертот / Фотографија: НУ Филхармонија

Божо Вреќо е босански пејач кој ги „оживеа“ севдалинките и ги однесе во сосема нов правец со специфичноста на својот глас. Неговите изведби се длабоки и емотивни, и самиот за себе вели дека е „човек кој животот го сфаќа на лирски, музички начин“. Во неговиот музички свет чувствата се многу посилни од разумот.

Светските медиуми го нарекуваат „икона на слободата, ангелски глас што ги гали душите и ги отвора срцата“. Од гласот на Божо Вреќо извираат длабоките емоции со кои секој може да се идентификува. Тој пее за љубовта, копнежот и разделбата, за тагата, меланхолијата и осаменоста. Секој отпеан стих е како исповед и препознавање на љубовта.

Васил Хаџиманов е џез пијанист, композитор и аранжер од Србија, со македонски корени. Роден е во Белград на 23 јуни 1973 година. Тој е син на познатите Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ. Истраен, сеприсутен, со бескрајна енергија и музикалност, Васил е алката која го поврзува српскиот џез со крајот на 20. и почетокот на 21. век. Тој е личност која во себе носи гени на бројни интерпретатори, чувари и носители на музичката традиција на Балканот.

Билетите за концертот веќе се распродадени, известија од Македонската филхармонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот