На филмски фестивал во Требиње актерката Изабела Новотни доби награда за најдобра улога

Актерката Изабела Новотни во Требиње

Македонската актерка Изабела Новотни на Фестивалот на медитеранскиот и европскиот филм во Требиње, Босна и Херцеговина, што се одржа од 31 јули до 5 август, ја доби наградата „Голема повелба на Леотар“. Наградата ја доби за улогата во филмот „Обичната Ели“ со образложение дека со „прецизна конструкција со едноставни средства“ успеала да ја оствари комплексната главна ролја во филмот.

Актерката Изабела Новотни не ја криеше возбудата при врачувањето на наградата и им се заблагодари на сите оние што ја препознале нејзината работа во која има вткаено многу љубов и ентузијазам.

– „Обичната Ели“ е родена во времето на ковид-пандемијата. Од првиот момент имав впечаток дека сценариото е напишано само за мене. Тоа е приказна која секој од нас ја живее на некој начин. Ели во себе го носи конфликтот која е и како се претставува пред надворешниот свет. Сака да си даде отказ на работното место, но не се осмелува тоа и да го направи. Тоа е тој конфликт во сите нас кои сакаме нешто да промениме, но не го правиме тоа. И тука клучното прашање е дали сакаме да го направиме тоа, но не можеме, или не сакаме и не можеме – претходно изјави Изабела Новотни за тамошните медиуми.

Изабела Новотни со наградата „Голема повелба на Леотар“

Краткометражниот игран филм „Обичната Ели“ својата македонска премиера ја имаше минатата година. Станува збор за дебитантски краткометражен игран филм по сценарио и режија на Лавинија Софрониевска. Главната улога ја толкува Изабела Новотни, а продуцент е Ивана Шекуткоска.

Другите улоги во филмот ги толкуваат Кирил Пенушлиски, Тамара Ристоска, Даница Георгиевска, Бранко Атанасов, Матеа Бадаровска и Сузана Станковиќ. Продукцијата е на „Минимал Колектив Скопје“. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Симо Бранов, костимограф Жаклина Крстевска, а шминката е на Жанета Димитриевска. Дел од сценографијата се дела на уметникот Синиша Кашавелски, како и инсталации на уметницата Весна Стефановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот