На денешен ден – 23 октомври

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

42. п.н.е.- Римскиот политичар Марко Јуниј Брут изврши самоубиство.

1596.- Турската војска на султанот Мухамед III кај Ерлау, во Унгарија, ги порази австриските трупи на Максимилијан.

1764.- Во Париз умре Жан Мари Леклер, француски виолинист и композитор, во почетокот балетски играч. Компонира повеќе дела меѓу кои особено се истакнуваат виолинските композиции. Роден е во 1697 година.

1817.- Роден е францускиот лексикограф и енциклопедист Пјер Атаназ Ларус, издавач на големиот светски речник на 19. век во 17 томови. Издавачката куќа „Ларус“ по неговата смрт 1875 година продолжи со издавање енциклопедиски речници.

1844.- Во Париз е родена Сара (Вистинското име и е Розин) Бернар, француска артистка, со исклучително убав глас и дарба. Нејзината глума обележа цела една епоха. Нејзини главни улоги се Корделија („Крал Лир“), Кралица („Руј Блаз“), во „Федра“, „Дамата со камелии“, „Хамлет“, „Тоска“, „Теодора“ и други. Умре во Париз, на 2 март 1923 година.

1872.- Умре Теофил Готје, француски писател. Пишуваше песни, романи, патописи и критики. Роден е во 1811 година.

1893.  Во Солун е основана  Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), која подоцна станува македонско национално движење и дејствува со цел за извојување автономија  на Македонија преку револуционерна борба. Врвна точка на дејноста на ВМОРО е организирањето на Илинденското востани во 1903 година во Македонија и на Преображенското востание во Одринска Тракија. Основите на Организацијата се поставени на 5 ноември 1893 година (23 октомври – според стариот календар) во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун. На основачкиот состанок присуствуваат: Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила, Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајтово – Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменица, Ениџе  Вардарско. Основачите почнуваат да ги шират овие револуционерни идеи меѓу прогресивната младина во Солунската егзархиска машка гимнзија. Набргу  учениците во гимназијата  создаваат кружоци, конспиративни групи и др. По завршувањето одат по своите родни места и таму почнуваат да агитираат. Младите студенти и нивните професори стануваат стожерот, односно движечката сила на македонската револуција. Емисарите на ТМОРО вршат обиколки по селата во Македонија и Одринска Тракија и формираат месни комитети. Откако на овој начин се формира структурата на организацијата, се започнува со процесот на создавање на вооружени  чети  и почнуваат набавки на оружје по илегални канали од Бугарија и Грција.

1917.- Кај местото Луневил, во Франција, американските сили ги почнаа првите борбени акции во Првата светска војна.

1917.- На седница на Централниот комитет на руската Социјалистичка работничка партија (болшевичка) донесена е одлука за покренување организирано востание. Со подготовките и изведувањето на Октомвриската револуција раководеше Владимир Илич Ленин.

1942.- Кај градчето Ел Аламејн, во египетската пустина, британските сили ги нападнаа германско-италијанските позиции. По дванаесетдневни огорчени борби, германско-италијанските трупи беа уништени. Наскоро почна сојузничкото истоварување во Северна Африка.

1944.- Во Филипинскиот Архипелаг се одигра најголемата поморско-воздушна битка во Втората светска војна. Во неа учествуваше целата јапонска флота и три четвртини од флотата на САД. Битката траеше до 25 октомври, кога поразените Јапонци го напуштија боиштето, со обострани големи загуби.

1944.- Сојузничките држави во Втората светска војна ја признаа привремената влада на Франција што ја формира Шарл де Гол.

1954.- САД, СССР, Велика Британија и Франција се спогодија да ја окончаат окупацијата на Германија.

1956.- Француските колонијални власти го грабнаа авионот на мароканскиот султан, со кој водачите на алжирската револуција Ахмед Бен Бела, Мустафа Лашреф, Мухамед Будијаф, Мухамер Кидер и Ахмер Аит Хусеин летаа на состанокот со тунискиот премиер Хабиб Бургиба. Оваа постапка на француските единици предизвика протест во целиот свет.

1958.- Рускиот писател Борис Пастернак ја доби Нобеловата награда за книжевност.

1958.- Советската влада му одобри на Египет кредит за изградба на Асуанската брана.

1961.- На поранешниот генералeн секретар на Обединетите нации Швеѓанецот Халмар Агне Даг Хамаршелд, кој под сомнителни околности загина со авион во време на конгоанската криза, постхумно му е доделена Нобеловата награда за мир.

1962.- Советскиот Сојуз ги предупреди САД дека сопирањето на испораките на оружје на Куба може да доведе до термонуклеарна војна.

1973.- Израелската воена команда соопшти дека Израел и Египет се согласиле да ги прекинат вооружените напријателства на Блискиот Исток.

1973.- Главниот северновиетнамски преговарач со Американците во Виетнамската војна Ле Дук То ја доби Нобеловата награда за мир, кажувајќи дека нема мир во неговата земја.

1983.- Во самоубиствениот напад на исламски терористи, во камиони наполнети со експлозив, во штабот на американската морнарица во Бејрут во близина на зградата во која биле сместени француски војници, убиени се 241 американски и 58 француски војници.

1990.- Украинскиот премиер Виталиј Масол е принуден да поднесе оставка по масовните студенски протести, станувајќи прв советски функционер од тој ранг кој ја напушти власта под притисок на јавноста.

1991.- Претставниците на 19 земји на меѓународната конференција во Париз, во организација на Обединетите нации, го потпишаа мировниот договр за да се стави крај на 13-годишната граѓанска војна во Камбоџа.

1992.- По едномесечна нафтена војна против Македонија, Грција го повлекува ембаргото.

1993.- Во експлозија која ја подметнаа терористи на Ирската републиканска армија, во Белфаст загинаа 10 луѓе.

1995.- Република Македонија и Австралија воспоставија дипломатски односи на ниво на амбасади.

1998.- Израел и Палестинаката ослободителна организација по маратонските разговори со посредство на САД, го потпишаа долго одложуваниот таканаречен Вај безбедносен договор со кој е предвидено отстапување на делови од окупираната територија на Палестинците во замена за мир.

1999.- Гувернерот на Илионис Џорџ Рајан стана првиот функционер на САД од тој ранг кој ја посети комунистичка Куба.

2003.- Чеченски исламски терористи упаднаа во московскиот театар „Дубровка“ уценувајќи дека во воздух ќе ги дигнат сите 800 посетители, а и себе, доколку руските власти не отстапат од операцијата во Чеченија и не ја повлечат војската од нивната земја. Во акцијата на руските сили за безбедност три дена подоцна во театарот загинаа 129 заложници и 41 терорист.

2006.- По повод одбележувањето на 50-годишнината од унгарската револуција и востание против советското владеење во Будимпешта во 1956 година, дојде до масовни демонстрации и судири со полицијата во близина на зградата на Парламентот. Церемонијата на Кошутовиот плоштад, свечената седница на Парламентот и полагањето венци на гробот на Имра Наѓ останаа во сенка, поради масовните нереди. За време на демонстрациите од паркинг пред Градската куќа е украден тенк од типот Т-34, музејски примерок донесен на свеченостана, како еден од експонатите со цел да се долови атмосферата од октомври 1956 година.

2006.- Во Скопје почина Проф. д-р Илија Бојаџиев, долгогодишен шеф на Катедрата за педијатрија на Медицинскиот факултет. Тој е основоположник на Одделот за имунологија на Клиниката за детски болести и е еден од пионерите на клиничката имунологија во Македонија. Денес, во негова чест, овој оддел го носи неговото име. Роден е во Дебар, на 17 јули 1932 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот