На Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“ ќе учествуваат рекордни 2200 натпреварувачи од 31 држава
На осмото издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“ кој ќе се одржи од денеска до недела учество ќе земат рекордни 2200 натпреваривачи од 31 држава. Гостин на спортската манифестација ќе биде и претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова. Ова беше истакнато на прес конференција на која беа соопштени деталите за годинешното издание на „Охрид трчаТ“.
Препорачано
– Осмото издание на „Охрид трчаТ“ според статистиката и бројките е рекордно. Особено нè радува што во овие години изградивме имиџ и квалитет кои придонесоа бројките да бидат такви какви што се. Изразуваме благодарност на Општина Охрид, градоначалникот Пецаков, на сите јавни претпријатија и СВР Охрид кои несебично ни помагаат за да можеме да ја реализираме нашата визија. Овој настан одамна ги помина границите на Македонија и верувам дека во наредните години тој ќе расте уште повеќе – рече Иван Цветкоски од АК „Охрид трчаТ“, организатор на спортската манифестација.
Денеска започна „експото“ на „Охрид трчаТ“, каде натпреварувачите можат да ги подигнат стартните пакети, ќе се одржи и работилница, а вечерта е резервирана за ноќната трка и концерт на „Камелеон“. Во сабота, 1 јуни, продолжува експото, а предвидени се рекреативни разгледи на градот и знаменитостите околу Охридското езеро на гостинските делегации. На пладне ќе се одржи „Warm Up“ со Имлек протеин, а во 17.00 часот ќе се одржи панел дискусија „Децата и спортот“.
Главниот настан во недела, 2 јуни, почнува во 07.45 часот. Стартот на трката на 21 километар е во 08.15 часот, додека трката на пет километри стартува во 09.00 часот. Предвидена е и богата забавна програма за учесниците со диџеи, фан зони и зони за освежување.
– Во оваа прилика јавно се заблагодарувам на организаторите кои целиов период вредно работеа за сè да биде совршено добро со беспрекорна и богата програма која ветува успешно издание. Од 7 до 77 години, сите охриѓани се вклучени во „Охрид трчаТ“ – изјави на прес конференцијата градоначалникот Кирил Пецаков кој денеска го подигна стартниот пакет и ќе земе учество во рекреативнната трка на пет километри.
Новина оваа година е што трката на 21 километар ќе се трча само еден круг, додека трката на пет километри останува немпроменета.
– Во интерес на натпреварувачите, но и на самата манифестација вклучивме повеќе улици во трката на 21 километар. Стартот на полумаратонот е во 08.15 часот по што учесниците се движат по булеварот „Македонски Просветители“, „Димитар Влахов“, бул. „Туристичка“ кој ќе се трча по цела должина, „Горна Порта“, „Илинденска“, „Коста Абраш“, покрај езерото кон хотел „Инекс Олгица“ и повторно се враќаат назад кон целта. Ги замолувам сите граѓани на Охрид и туристи да излезат и да им дадат поддршка на натпреварувачите меѓу кои ќе биде и Дарио Ивановски, кому ова му е последна трка во Македонија пред настапот на Европското првенство во Рим и засега е единствен наш Олимпиец – вели Јоне Станкоски од АК „Охрид ТрчаТ“.


