ВИДЕО: На апликацијата „Мое здравје“ ќе ги видите сите рецепти, дијагнози, примени вакцини и медицински извештаи

Фатмир Меџити, министер за здравство/Фото: Слободен печат

Сите пациенти во земјава, може да ја симнат апликација „Мое здравје“ достапна за Андроид и Епл телефони и да пристапат до целосните здравствени податоци во нивната медицинска историја – рецепти, дијагнози, третмани и примени вакцини, како и до податоците за нивните деца ако се водат под нивното здравствено осигурување.

Министерот за здравство доктор Фатмир Меџити вели дека пациентите сега ја имаат моќта на информацијата во свои раце и дека сите податоци се синхронизирани со оние во „Мој термин“. Со други зборови, сите здравствени установи во државата се поврзани со апликацијата „Мое здравје“ и пациентите ќе имаат достапност до своите резултати веднаш штом се достапни, исто како што досега тоа следење го правеа нивните доктори во „Мој термин“.

-Сè што треба да знаете за вашите здравствени услуги е лесно достапно. Има беспрекорна интеграција на „Мој термин“ во оваа апликација. Сите податоци се синхронизирани. Секој да ја прифати моќта на „Мое здравје“ и да преземе контрола врз своето здравје, порача министерот Меџити.

Жаклина Чагороска од „Мој Термин“ истакна дека со апликацијата „Мое здравје“ податоците што се видливи за матичните лекари и за специјалистите, сега се достапни и за пациентите на нивните мобилни телефони. Апликацијата е достапна на македонски, англиски и албански јазик.

-Апликацијата го претставува вашето електронско здравствено досие, ви овозможува пристап до вашата електронска евиденција и податоците се преземаат од „Мој Термин“ кој постои 10 години. Има и мобилна и десктоп верзија, може и од компјутер да пристапите до вашето здравствено досие, рече Чагороска.

Начинот на пристап до „Мое здравје“ е преку внесување на еID (се креира на сајтот uslugi.gov.mk). Пациентите мора да внимаваат нивниот eID да не дојде во рацете на друг човек, бидејќи така тој ќе има пристап до нивната здравствена историја и медицинска документација. На компјутер до платформата може да пристапите на адресата https://e-zdravstvo.mk/mk/moe-zdravje.

Со „Мое здравје“ достапни ви се реализираните прегледи кај матичен лекар, специјалистички, лабораториски, дијагностички и болниччки упати, рецепти, вакцини кои ги имате примено. За секоја од овие групи на податоци се добиваат повеќе информации како датум на закажан преглед, датум на извршување на услугата, здравствена установа и здравствен работник кој ја извршил услугата, извештаи, резултати и отпусни писма, сертификати и решенија за вакцинација.

Сите информации се поделени во две категории – активни и архива. Активни се сите актуелнни документи а архива се сите изминати документи за повеќе години наназад.

Министерот за здравство Меџити, на денешниот настан за промоција на „Мое здравје“ со оваа апликација лекарите ќе знаат со сигурност дали пациентите ги искористиле фармацевтските упати, односно дали ја примаат терапијата што им била препишана од докторот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот