На 43 години: Познатиот јужнокорејски пејач Висонг пронајден мртов во својот дом
Јужнокорејскиот пејач Висонг почина на 43-годишна возраст, а полицијата, според извештаите, планира да спроведе обдукција за да ја утврди причината за неговата смрт, објави „Гардијан“.
Препорачано
Пејачот, чие вистинско име е Чои Висонг, бил пронајден во бесознание во неговиот стан во понеделник навечер од страна на итните служби, откако неговата мајка повикала помош, пренесуваат локалните медиуми.
Полицијата соопшти дека не се пронајдени знаци на насилство, но предупреди дека поминало „значително време“ од неговата смрт, поради што била побарана обдукција.
„Уметникот Висонг нè напушти“, потврди неговата менаџерска агенција „Таџој ентертејмент“, од каде потенцираа дека нивната екипа е во „длабока тага“.
Висонг, кој имаше серија хитови во Јужна Кореја, вклучувајќи ја и популарната преработка на песната „Insomnia“ од британската ѕвезда Крег Дејвид, требаше да настапи заедно со пејачот KCM во југоисточниот град Даегу овој викенд.
Во својата последна објава на социјалните мрежи, Висонг го најави претстојниот концерт и напиша: „Слабеењето завршено. Се гледаме на 15 март“.

Од неговото деби во 2002 година, Висонг беше популарен во Јужна Кореја со бројни хитови, вклучувајќи ја и песната „With Me“, која беше на врвот на топ-листите, а беше познат и по своите емотивни настапи.
Но, неговата музичка кариера доживеа пад во 2021 година, кога беше осуден и доби условна затворска казна поради употреба на пропофол – хируршки анестетик кој понекогаш се злоупотребува рекреативно. Да потсетиме, предозирањето со оваа супстанца беше наведено како причина за смртта на поп-ѕвездата Мајкл Џексон во 2009 година.
Инаку, јужнокорејската естрада е под лупа со години поради големиот број млади ѕвезди од сцената и екранот кои умираат на рана возраст. К-поп ѕвездите најчесто се регрутираат од агенции уште во раната или средната тинејџерска возраст и живеат под строг надзор, со денови исполнети со напорни музички и танцови тренинзи.


