На 11 медицински сестри од ГОБ 8 Септември не им го признаваат факултетот, за да не земат повисока плата

Градска општа болница 8ми Септевмри, Скопје /Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На единаесет медицински сестри од ГОБ 8 Септември не им се признава факултетското образование со што платата им е помала за околу 10 илјади денари споредено со она што би им била со факултетско образование, вели за „Слободен печат“ медицинскиот техничар Саше Илиевски.

Тие поднеле барање кое им го одобрил директорот на болницата доктор Кристијан Костов, ама процедурата е заглавена во административни лавиринти на Министерството за здравство, иако некои од медицинските сестри барањата ги поднеле уште пред една година.

Ни велат дека ќе се разгледа нашето барање, но кога, нема временска рамка. Се упативме кај главната сестра, кај правникот, па и во Министерство за здравство. Сите документи ни се поднесени. Во што е закочен процесот на признавање на високото образование на медицинските сестри кои сме редовно вработени? Во некои други институции од секундарното здравство ваквото образование е признаено, вели Илиевски.

Министерот за здравство доктор Венко Филипче во Утрински брифинг одговарајќи на прашањето на „Слободен печат“ зошто не им се признава образованието на овие медицински сестри рече дека се бара решение на проблемот.

– Ова прашање не ги засега само медицинските сестри во болницата ГОБ 8 Септември, има многу јавноздравствени установи каде тоа прашање треба да се реши, тоа го разговаравме и со претставниците на синдикатот и со претставници на ФЗОМ. Денеска имаме и завршен состанок во попладневните часови за ова прашање со предлог решение и треба да го завршиме денеска. Токму денеска треба да потврдиме зголемување на платите за пет проценти на сите кои се вработени во здравствениот сектор, и здравствени и нездравствени работници, со почеток на мартовската плата, рече Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот