МЗТ жестоко казнет со 300.000 денари, а директорот Тони Грнчаров доби двегодишна суспензија

Продолжуваат лошите односи меѓу КК МЗТ Скопје Аеродром и кошаркарската федерација/Фото: mztskopjeaerodrom.mk

Кошаркарскиот клуб на МЗТ Скопје Аеродром известува дека денеска, дури еден месец подоцна, ја доби информацијата од Кошаркарската федерација на С. Македонија (КФСМ) дека Дисциплинската комисија (ДК) на 8 октомври донела одлука да го казни МЗТ Скопје Аеродром со 300.000 денари, а директорот Тони Грнчаров со двегодишна суспензија и тоа поради објави на социјалните мрежи.

– Нешто што досега не е видено не само во макбаскетот туку и во спортот кај нас во целост. Ваквата одлука, на која би им завиделе дури и во земја како Северна Кореја, каде што демократијата, човековите права и слободата на говор се еднакви на нула, е донесена по пријава на Перо Антиќ, првиот човек на македонската кошарка, кој по некоја „случајност“ е прв меѓу еднаквите во Управниот одбор, кој самиот го предлага, а кој потоа ги избира членовите на ДК. Подобра потврда на народната „Кадија те тужи, кадија те суди“ не може да се најде ниту во најдобрите епизоди од „Македонските народни приказни“.

Господинот Антиќ, според членовите на ДК, бил навреден што неговиот лик бил „заматен“ на фотографија објавена на социјалните мрежи на МЗТ Скопје Аеродром и што била објавена „навредлива“, најверојатно само според неговите сфаќања, објава.

Добро утро освојувачи на Суперкупот и останати битни и – небитни“. Со тоа, со негово чувство на навреденост сочувствувале членовите на ДК, кои, по игра на случајноста, за својата работа хиерархиски одговараат токму на него (прочитај погоре зошто) и кои за статус во кој тој ниту е спомнат ниту за него е искажан некој збор, го казнуваат МЗТ Скопје Аеродром со 300.000 денари. Случајно или не, ДК во своето образложение не потенцира дека на „спорната“ фотографија не е заматен само ликот на Антиќ туку поголемиот дел од целата фотографија освен делот што е важен за целната публика, за која и постојат нашите социјални мрежи – капитенот Дамјан Стојановски и Горан Василов, синот на нашата клупска легенда Драган Василов.

Фото: Принтскрин/mztskopjeaerodrom.mk
Фото: Принтскрин/mztskopjeaerodrom.mk

Директорот Грнчаров, пак, е казнет во период од две години поради споделување на клупската објава, повторно преку социјалните мрежи, на кој, според Антиќ, но и членовите на ДК кои ја прифатиле неговата поплака, напишал навредливи зборови: „Небитниот уште долго ќе гледа и пати како битните дигаат трофеи“. Повторно се споменува „заматената фотографија“ без притоа да се потенцира дека тоа е направено од уметничка перспектива и со акцент на работите важни за МЗТ Скопје, како што нашиот клуб објасни кога ни беше побарано тоа од членовите на ДК. Но, очигледно, тоа што нашиот клуб имаше да го каже очигледно воопшто не било важно за комисијата формирана (индиректно преку органите во кои или членови или за кои дава амин според актите) од човекот кој воедно се јавува како тужител. Згора на тоа, никаде не е спомнато дека во објавата е искористен зборот „Небитниот“, прекар кој самиот Антиќ со години наназад го користеше, а што може да се види со обично сурфање по интернет-пребарувачите.

Нашиот шок беше огромен уште кога добивме барање да го објасниме нашиот и статусот на директорот, а денеска тој е голем до висина на Килиманџаро. Дури и стравувавме дека преку ноќ наместо во Северна Македонија сме се разбудиле во Северна Кореја, каде што моќниците прават што сакаат и актите ги толкуваат онака како што ним им одговара. И каде што опоментите, дури и спортските, завршуваат жестоко казнети само поради фактот што размислуваат поинаку од НАЈГОЛЕМИОТ.

Фото: Принтскрин/mztskopjeaerodrom.mk

И на крајот, колку и да сакаме да веруваме дека е случајност, информацијата за нашата казна доаѓа часови пред вечното дерби со Работнички, дуел кој секогаш бил најважен не само за нашите кошаркари туку и за цел Аеродром. А, донесена е пред цел еден месец. Како да е точно темпирана за да ни биде дадена во определен момент за да внесе немир во нашиот клуб. Што секако нема да се случи.

Одлуката на „кадијата“ за тужбата на „кадијата“ дефинитивно нема да ја прифатиме мирно и сигурно ќе се жалиме до Арбитражната комисија. Решени сме да ја истуркаме правдата на виделина, макар стигнале до Европскиот суд за човековите права во Стразбур. Ова е преседан што ако сега не биде побиен, а сторителот казнет (со отстранување од функција), тогаш утре ќе може да му се случи на секој друг клуб и кошаркарски работник. Дури и на тие што во моментов сметаат дека имаат пријателски врски и некаков видлив или невидлив бенефит од него.

Бидејќи ние како клуб и како кошаркарски работници не сакаме да бидеме дел од национална федерација која е претставник на државата каде што се казнуваат вакви работи само поради лична нетрпеливост, без воопшто да се докаже делото односно да се каже во кој дел и каде е навредата која толку многу го погодила господинот Антиќ – стои во соопштението на КК МЗТ Скопје Аеродром.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот