МЗТ Скопје ќе почека за влез во АБА, Приморска не се откажува иако има милионски долгови

фото: druga.aba-liga.com/Domagoj Ledic

Екипата на МЗТ Скопје се чини дека до последен момент ќе биде во неизвесност дали во наредната сезона ќе игра во АБА лигата. Македонскиот шампион од страна на регионалното кошаркарско натпреварување беше означен како прва резерва доколку некоја екипа се откаже, а тоа до пред извесно време изгледаше дека ќе биде словенечката Приморска.

Тимот од Копер се наоѓа во финансиски проблеми, има долг од речиси два милиони евра,но спортскиот директор Горан Јагодник во интервју за телевизијата „Спортклуб“ најави дека Приморска во следната сезона ќе игра во АБА лигата.

– Шпекулациите се едно, а реалноста сосема друго. Ништо значајно не се променило во однос на претходниот пaт кога зборувавме на оваа тема, единствено тоа што сме поблиску до остварувањето на планот кој го имаме, а тоа е затворање на финансиската конструкција, формирање на ростерот за идната сезона и се разбира, учеството во АБА лигата. Собранието на АБА е закажано за крајот на месецот, но јас не гледам како би можела Приморска да биде една од темите на разговор. Ние во ниеден момент не сме кажале дека не можеме или не сакаме да бидеме дел од елитната дивизија во која минатата сезона бевме најпријатно изненадување. Верувам дека многу брзо ќе ја соопштиме радосната вест за љубителите на кошарката во Словенија и навивачите на Приморска. Повторувам уште еднаш, сигурен сум дека најдобрите екипи од регионот и идната сезона ќе доаѓаат во Копер – изјави Јагодник.

Доколку Приморска успее да ги реши финансиските проблеми тогаш МЗТ Скопје во наредната сезона ќе игра во АБА 2 во која настапува во последните две сезони. Оваа сезона „металците“ беа како третопласирани кога беше прекинато натпреварувањето, а влез во АБА лигата обезбедија првите две екипи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот