МЗТ Скопје Аеродром и Маџари го играат вториот меч од финалната серија
Денеска од 18.00 часот ќе се игра вториот натпревар помеѓу екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Маџари во финалната серија од кошаркарската „МТЕЛ“ Супер лига.
Препорачано
МЗТ води во серијата со 1:0 во победи, тренерот на актуелниот шампион, Васко Атанасов, има на располагање поголем број на квалитетни играчи, дури и во една ситуација во која не може да смета на репрезентативни имиња какви што се Андреј Магдевски и Бојан Крстевски, кои се на листата на повредени, а покрај теренот, беше и Хуан Дејвис, како прекуброен странец, како евентуална резерва за мечевите кои што следуваат.
Нова шанса за предизвикувачот од населбата Маџари, да исправи дел од пропустите забележани на првиот меч, особено во второто полувреме во кое МЗТ ја потврди класата.
Впрочем сликата која беше емитувана од СЦ „Јане Сандански“, во која Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, па и помладите репрезентативни имиња како Петков и Андоноски, не се стартери, доволно говори за „квантитетот“ на „сино-белите“ мерен во однос на противникот многу поголем, кој веројатно треба да биде и пресудниот фактор во финалните мечеви од оваа сезона.
За Маџари многу значи отсуството на играч како Џавон Грин, не само како бројка и играч плус во ротацијата, која останува сериозно ослабена во моменти кога треба да се даде највеќе, секако, во обид резултатот кој веќе го направија да се претвори во сензација од невидени размери.


