Фото: mkd.basketball

МЗТ по третпат го совлада Маџари за 13 шампионска титула

Во третиот натпревар од финалната серија во „МТЕЛ“ Супер лигата, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром уште еднаш беа подобри од Маџари, сега и на гостински терен (80:74) за максимални 3:0. Доволно за да ја одбранат титулата, и во Аеродром да го донесат и 13 шампионски трофеј во историјата.

Маџари беше екипата која имаше подобар почеток на натпреварот број 3 од финалната серија на плејофот. Одлично го отворија мечот домашните кошаркари, кои во првата четвртина се стекнаа со сосема солидна предност од 26:19, која бранителот на титулата успеа да ја намали, макар за само два поени, за затворање на почетните десет минути со 26:21 во корист на предизвикувачот во оваа финална серија.

Фото: mkd.basketball

Работите почнаа да се менуваат, во корист на МЗТ Скопје во вториот дел од финалниот меч. По тројката на Војдан Стојановски, гостите од Аеродром го преземаа водството. Поведоа „сино-белите“ со 35:34. И од тој момент практично не го дадоа. Имаа и 41:36, потоа и 46:40, за полувремето да заврши со нешто пониска позитива за првакот (46:42).

Третата четвртина почна доста изедначено, и не толку ефикасно. По пет минути од играта двете екипи имаа по осум поени, за да нема некоја промена во резултатот (54:50) во корист на бранителот на шампионскиот трофеј. И доста долго стоеше тој резултат на семафорот во салата „Наум Наумовски-Борче“. Сепак, на крајот на третата четвртина, гостите имаа повисоко водство (62:56).

Со серија од 8:2, во неполни четири минути, Маџари дојде до егал резултат (64:64). Но кога највеќе му требаше, тука беше капитенот на МЗТ Скопје. Дамјан Стојановски погоди тројка, доволно за да го врати водството на страна на фаворитот (72:68). А по поените на Танасковиќ, гостите беа уште поблиску до новиот трофеј (74:68), кога останаа 03:25 минути до крајот. Во нив „сино-белите“ не дозволија „враќање“ за Маџари.

Фото: mkd.basketball

По поените на Маслинко и Мексвејн, ја зголемија предноста на 80:72, а згора на тоа „потрошија“ и доста време кое му беше потребно на ривалот во финалето. Војдан Стојановски го предводеше МЗТ Скопје Аеродром на листата на стрелците, постигна 17 поени (запиша и по три скокови и асистенции), Танасковиќ дојде до 16 поени, седум скокови и две асистенции), Смит Мексвејн запиша 13 поени, дополнети со осум асистенции и шест скока, а Петков застана на 11 поени, шест асистенции и два скока.

Во екипата на Маџари, Хот го заврши овој меч со дабл-дабл учинок од 20 поени и 18 скокови, од кои седум офанзивни, Армстронг забележа 19 поени, по пет скокови и асистенции). а Луис имаше 13 поени, шест скокови и пет асистенции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот