Плакат за концертот во Сули ан

Музиката како колективна резонанца и жив ритуал ќе може да се доживее на концерт на Јордан Костов во Сули ан

Првото издание на „Резонантна Земја: Колективен ритуал (Скопје 1)“ (Resonant Earth: Collective Ritual), како нов музички проект на Јордан Костов, кој ја поставува музиката како отворен процес на заедничко создавање надвор од жанровски определби и фиксирани форми, ќе се одржи на 11 мај, во 20 часот, во Сули ан, во Скопје.

Музиката на овој состав не произлегува од однапред дефиниран стил, туку од заедничко присуство. Таа се развива преку љубопитност, активно слушање и заемна интеракција во моментот, при што звукот постепено се трансформира во процес на поврзување – меѓу луѓето, просторот и времето. Во таков контекст, музиката престанува да биде само израз и станува колективен ритуал.

„Резонантна Земја: Колективен ритуал“ е замислен како жив, колективен музички чин во кој различни културни традиции, инструменти и музички јазици се спојуваат во едно холистичко звучно искуство. Проектот се темели на слободна интеракција меѓу музичарите, водена од едноставна структура и неколку основни мотиви, што овозможува секоја изведба да се развива органски и да создава секогаш нова и неповторлива форма.

На сцената ќе настапи осумчлен меѓународен состав: Јапинг Ванг (јангџин), Оливер Настовски (тамбура и ут), Ратко Даутовски (перкусии), Франсоа Мелан и Ник ДеКарло (туба), Шинго Масуда (канун), Александар Бошков (гитара) и Јордан Костов (таишигото, хармоника, трунг и вокал). Овој ансамбл не функционира како класичен состав, туку како динамична мрежа на односи, во која индивидуалните музички искуства се преплетуваат во колективен звук.

Во центарот на проектот е идејата за музика како резонанца – не како резултат, туку како однос: меѓу инструментите и телата, меѓу традицијата и импровизацијата, меѓу индивидуалното искуство и заедничкото звучно поле. Наместо фиксирана партитура, публиката ќе сведочи на процес во кој звукот постојано се менува, флуктуира и се преосмислува.

Ова скопско издание претставува почеток на пошироко меѓународно патување на проектот, со најавени настапи во Париз, Берлин, како и во Јапонија и Виетнам, при што секој нов концерт ќе носи различна звучна енергија, различни учесници/музичари, но ќе ја задржи суштината на концептот: резонанца меѓу луѓето, земјата и моментот.

Концертот на 11 мај во Скопје нема да нуди фиксирана програма, туку отворено искуство. Не како низа композиции, туку како процес што се случува во реално време. Повеќе како ритуал, отколку како настап. Повеќе како заедничко доживување, отколку како изведба, известија организаторите од „Аксиома“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот