Музичка продукција: Симон Трпчески снимаше во студиото М1 на МРТ

Македонскиот пијанист Симон Трпчески со одбрана екипа колеги во легендарното студио М1 на Македонската радиотелевизија ги снимаше материјалите за новиот компакт-диск. Во изјава за МРТ по овој повод, Симон Трпчески појаснил: „Чест ми е што можеме на некој начин да го оживееме ова фантастично студио што Македонската радио телевизија и Македонија, воопшто, го поседува. Тука снимаме материјал за нов албум со дела од современата класична литература за камерна музика, како Квинтет на Панде Шахов, специјално адаптиран за нас, и делото Дивертименто за секстет од францускиот композитор Гијом Конесон, во аранжман на нашиот перкусионист Влатко Нушев. Со мене се дел од колегите од проектот ’Македонисимо‘ – освен Нушев, Хидан Мамудов и Александар Сомов, како и уште двајца фантастични колеги, нашиот врвен виолинист Ѓорѓи Димчевски и одличниот виолист Сорин Спасинович од Романија. Се надеваме дека ова цеде многу скоро ќе излезе под престижната етикета на британскиот ’Лин рекордс‘. Драго ми е што овој проект во време на пандемија се остварува со еден поголем тим, во кој се и ’КултурОп‘ и Македонската радиотелевизија“.

Во изминатиот период Трпчески во Берлин сними материјал за уште еден нов албум со солистичка пијанистичка литература од германски автори, што исто така ќе го издаде „Лин рекордс“. Концертната рестрикција предизвикана од пандемијата остави печат и на неговиот распоред, па минатиот месец се одржаа само концертите во Букурешт, а на 9 април во Катовице Трпчески настапи со Оркестарот на полското национално радио.

Во план се и настапите со Оркестарот на Минесота во САД и концерт со Националниот оркестар на Франција во Париз на крајот од април. Наредниот месец најавени се рецитал во рамките на Интернационалните пијано серии во Лондон, како и концерт со Софиската филхармонија, известија од „КултурОп“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 76, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-11 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот