Муслиу за СП: Македонија може да стане и членка на САД, имаме опции кон Западот

Ставот на еврокомесарот Оливер Вархељи е непринципиелен и неевропски, а Македонија се уште има перспективи да остане прозападно ориентирана дури и ако пропадне можноста за членство во ЕУ, смета аналитичарот Алберт Муслиу.

– Неговата непринципиелност се гледа во споменувањето на мерит-системот како услов за членство, затоа што ако беше мерит-системот во прашање, ние одамна требаше да сме во преговори. Целта на политиката на ЕУ, Македонија и Албанија е да не се двојат двете земји, да напредуваат заедно и да им се помогне на двете, а целиот настап на комесарот беше некоректен. Ние сме оштетени од еден сосед во пристапниот процес кон ЕУ, а тоа го немаше во неговиот коментар – вели Муслиу за „Слободен печат“.  

Тој додава дека ЕУ го губи кредибилитетот во Македонија, затоа што нашата земја доживеа и своевидна катарза во минатото на патот кон Унијата со разни договори и пак ништо.

– Сепак, би требало да гледаме со оптимизам и јас верувам дека во ЕУ ќе се најдат сили и начини да се реши проблемот и тоа на начин Македонија и Бугарија да не прават отстапки, за да се одблокира процесот. И во Европа има големи држави, од старите членки, кои имаат две вистини за ист историски настан, па живеат заедно и соработуваат. И ние овде во Македонија немаме иста вистина за 2001 година, па Македонците и Албанците живеат заедно и солидарно. Соломонското решение е да се дозволи наратив кој не ги нарушува позициите на двете земји. А за нас не се изгубени сите западни перспективи. Ние можеме со референдум да решиме дека ќе станеме 52-та држава на САД, на пример. Имаме опции да останеме кон Западот, и дополнително, ние овде сме премали за да се расипат плановите и интересите на големите сили заради нас – вели Муслиу за „Слободен печат“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот