Мултисензорно искуство носи изложбата „Глаголички откровенија“ на Томе Даневски во КИЦ-Скопје
Во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје на 23 јануари (петок), во 19 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „Глаголички откровенија“ на македонскиот современ уметник Томе Даневски, каде уметноста не само што се гледа, туку се чувствува и се слуша.
Препорачано
За првпат во Македонија, секое дело содржи аудио QR-код, преку кој посетителите можат да ја слушнат личната интерпретација на авторот, претворајќи ја изложбата во мултисензорно искуство.
Преку 27 дела изработени во масло и акрил на платно, Даневски ја истражува древната глаголица како културен, емоционален и метафизички код – мост меѓу видливото и невидливото, минатото и иднината, човековото и божественото.
Настанот вклучува и преведување на знаковен јазик, а просторот е целосно пристапен за лица кои користат инвалидска количка, што ја прави изложбата достапна и инклузивна за сите.
Изложбата е дел од проектот „Под исто платно: Инклузија низ уметноста“, активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од „Хартефакт фонд“.
Проектот „Под исто платно“ се реализира од „Abilitist“ и ЗЕТА во соработка со три индивидуални уметници. Со обединување на уметници со и без попреченост, проектот создава простор за рамноправно учество во културата преку заеднички работилници, менторства и изложби. Преку креативна соработка, проектот ги руши стигмите, ги отвора институциите кон инклузија и го трансформира начинот на кој општеството ја доживува уметноста и различностите.
По реализирани две самостојни изложби на Тома Димовски (лице со попреченост) со наслов „Тајниот дневник“ на 1 ноември 2025 во Тетово и Роза Мојсовска (лице со попреченост) со наслов „Цветна градина“ на 15 ноември 2025 година во Гевгелија, изложбата „Глаголички откровенија“ на Томе Даневски е третата изложба од проектот „Под исто платно: Инклузија низ уметноста“.


