Мултимедијалниот уметнички проект „Гестови“ е поставен во „Офицерски дом“ при КИЦ-Битола
Отворањето на мултимедијалниот уметнички проект „Гестови“ ќе се одржи на 30 април, во 20 часот, во Алтернативен галериски простор „Офицерски дом“ при КИЦ-Битола.
Препорачано
Изложбата „Гестови“ е проект кој поставува специфичен начин на кураторски концепт во кој кураторот отвора нова зона на размислување со тоа што наместо концепт во облик на теорија, кураторот (Билјана Исијанин) го нуди своето визуелно дело како точка од која започнува да се движи целата линија на проектот во која се вовлекуваат останатите две – на Гоце Наневски во соработка со Дориан Јовановиќ и Мартин Зет, разбивајќи ја вообичаената кураторска практика.
Формата преку која се рефлектира кураторското размислување е генерирана слика со вештачка интелигенција што претходно е создадена како дигитална фотографија на лик кој позира на остатоците на еден антички град, а која е испечатена како збир од квадратни исечоци (10х10 см.) залепени на магнетни плочки поставени врз соодветна позадина со димензии 2 х 1 м., а кои поради фактот што се поставени во облик на сложувалка упатуваат на можноста да се прередуваат и преместуваат од страна на уметникот, но и на посетителите.
Ваквата можност за лична реконструкција на понуденото дело се спротивставува на рекламните билборди во кои сè е наместено и средено со една лажна идеја за среќа, но наспроти тоа вистината е дека постојат изместени односи и дека она што треба да го направиме е да ги соединиме деловите на целината во која се прикажани лажни ликови, а притоа и не е толку битно дали ќе создадеме уметничко дело или ќе се создадеме себеси како дело, што како идеја ја промовираше Мишел Фуко (Michel Foucault) заедно со задачата да ја трансформираме реалноста.
Поставката на Гоце Наневски се состои од метална врамена структура висока околу 2.5 метра со прицврстени огледала на три страни додека четвртата страна е отворена за влез. На огледалата се прикачени камери чиј видео сигнал е процесиран преку софтвер и каде двете слики се преклопуваат формирајќи нова слика со лажна илузија на длабочина.
Преку два мали звучници постојано се емитуваат исти реченици чија содржина го носи гледачот на сосем друго концептуално ниво со што ја рефлектира тенката граница помеѓу приватноста и транспарентноста и со тоа ја прикажува нашата кршливост и го поставува прашањето за индивидуалниот идентитет во информатичкиот универзум.
Чешкиот мултимедијален уметник Мартин Зет со видео делото внимателно допира некои суштински карактеристики што ги носи нашето дигитално постоење и ја нагласува ефемерноста преку играта со сенка и светлина што ја симболизира променливоста на времето и постојаната промена на меморијата што суптилно се интегрира во делото на Билјана Исијанин со кое почнува целиот дискурс на поставката. Трите дела се поставени поединечно во трите сегменти од галерискиот простор, но ќе комуницираат преку заедничката идеја.


