Изложбата ги отвора темите на болката, интимноста, сеќавањето и моралната чувствителност

Мултимедијална инсталација на Ана Спасова инспирирана од мисла на Пикасо ќе биде претставена во Сули ан

Во галеријата „Драгутин Аврамовски-Гуте“, сместена во објектот Сули ан, дел од Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на 12 ноември, во 19:30 часот, ќе биде отворена самостојна изложба на Ана Спасова, визуелна уметничка и академска графичарка.

Под наслов „Простори помеѓу | Шепоти во вдлабнатините, светла на надежта“ („Spaces in Between | Whispers in the Hollow, Lights of Hope“), изложбата претставува мултимедијална инсталација што се развива низ четири меѓусебно поврзани фази. Преку овој структуриран концепт, публиката постепено се воведува во комплексен визуелен и емоционален простор, каде секоја фаза функционира како засебен, но поврзан слој од поширокото истражување на авторката.

Мултимедијалната инсталација на Спасова, инспирирана од мислата на Пикасо дека уметноста ја ослободува душата од прашината на секојдневието, претставува внимателно развиена визуелна и психолошка студија. Изложбата се обликува низ повеќеслоен процес составен од фотографии, суптилни слепи отпечатоци и тактилни материјални интервенции, преку кои авторката го анализира човечкиот дух во неговите најранливи состојби.

Во овие „простори помеѓу“, Спасова ги отвора темите на болката, интимноста, сеќавањето и моралната чувствителност, упатувајќи повик кон внатрешна промисла. Делото ја нагласува димензијата на она што не е секогаш видливо, но е длабоко почувствувано – тивките празнини, емоционалните траги и светлината на надежта што опстојува во нив.

Ана Спасова е родена 1996 година во Скопје, РС Македонија. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Катедрата за графика со модул конзервација и реставрација во 2018 година. Магистрира на истиот факултет – област графика. Од 2020 г. работи како асистентка на Катедрата за графика и трансмедиумски практики на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, РС Македонија).

Нејзиното творештво опфаќа различни медиуми, вклучувајќи графика, цртеж, фотографија и инсталација. Нејзините дела интегрираат визуелни елементи со текст, знаци и симболи, испреплетувајќи ги заедно во композиции кои ја истражуваат сложеноста на човечкото искуство. Преку спротивставување на овие различни елементи, делата ги повикуваат гледачите на рефлексија на теми како што се сеќавање, идентитет и минливоста на времето.

Авторката има учествувано во над 60 групни изложби во земјава и странство и реализирано две самостојни изложби. Член е на ДЛУМ од 2019 година.

Изложбата ќе биде отворена за посета во период од 12 до 20 ноември 2025 година, секој работен ден од 8 до 18 часот. Куратор на изложбата е Гордана Велков, дизајнот е на Кристијан Јованоски, а фотографиите се на Ана Спасова и Јелена Белиќ.

Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам на РС Македонија, Град Скопје, како и Факултетот за ликовни уметности во Скопје (УКИМ).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот