Муцунски во Брисел ќе се сретне со бугарскиот европратеник Илхан Ќучук
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска на вториот ден од неговата прва работна посета Брисел ќе има серија средби со претставници на институциите на Европската Унија.
Препорачано
Предвидено е Муцунски во седиштето на Европската комисија да се сретне со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и пристапни преговори (НЕАР), Герт Јан Копман.
Покрај ова, Муцински ќе го посети и Европскиот парламент, каде ќе има средби со претседателот на Комитетот за надворешни работи, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер и со членовите на овој Комитет, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој е и негов известувач за земјава, и холандската европратеник Тинeке Стрик, која е и членка на Делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија.
Муцунски вчера во седиштето на Алијансата во Брисел се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по што изјави дека земјава како членка на НАТО мора да биде одговорна, посебно во период на сложен геополитички контекст на европскиот континент, потврдувајќи ја посветеноста за исполнување на обврската за издвојување на средства до Буџетот за одбраната на ниво од најмалку два процента од националниот БДП.


