Мрежата „Икс“ на Илон Маск под истрага: Алатката „Грок“ креира непристојни фотографии од жени и деца
Социјалната мрежа „Икс“ (поранешен Твитер) на Илон Маск е под меѓународна истрага, по откритието дека алатката за вештачка интелигенција „Grok“ била користена за менување фотографии и создавање сексуална содржина без согласност на прикажаните луѓе, вклучувајќи жени и деца, пренесува Би-би-си.
Препорачано
Властите во Европа, Индија и Малезија започнаа формални истраги за сликите произведени од четботот, кои во некои случаи наводно дури и се однесуваат на материјал за сексуална злоупотреба на деца.
Британскиот регулатор за комуникации Ofcom објави дека итно контактирал со Икс и ИксАИ (xAI) за да види какви мерки се преземени за да се усогласи со моменталната законска рамка за заштита на корисниците во Обединетото Кралство.
Во исто време, член на бразилскиот парламент објави дека побарал од федералниот генерален обвинител и надлежниот орган за заштита на податоци привремено да го суспендираат работењето на Grok додека не се заврши соодветната истрага.
Истрагите беа започнати по зголемувањето на инцидентите на споделување лични слики без согласност (NCII), кои беа создадени преку Grok од фотографии или видеа од вистински луѓе, по релевантни барања од корисници. Дотичниот материјал наводно бил широко дистрибуиран преку Икс.
xAI неодамна ја надгради својата функција Grok Imagine, олеснувајќи го креирањето слики со помош на писмени инструкции. Развојот предизвика реакција од експертите за безбедност и технологија, додека самиот Маск објави слики генерирани од Grok, вклучувајќи една што го сатиризираше.
На прес-конференција, портпаролот на Европската комисија јасно стави до знаење дека проблемот се сфаќа многу сериозно, истакнувајќи дека таквата содржина е нелегална и нема место во Европската Унија.
Во Индија, Министерството за електроника и информатичка технологија нареди сеопфатна техничка и административна ревизија на Grok, додека Комисијата за комуникации и мултимедија на Малезија објави дека го истражува прашањето и ќе ги повика претставниците на компанијата за објаснување.
Во Соединетите Американски Држави, Националниот центар за сексуална експлоатација ги повика Министерството за правда и Федералната трговска комисија да истражат дали се прекршуваат федералните закони што забрануваат создавање и дистрибуција на материјал за сексуална злоупотреба на деца, дури и кога е генериран од вештачка интелигенција.
Компанијата на Маск, во официјален пост на својот профил за безбедност, соопшти дека отстранува нелегална содржина, трајно суспендира сметки и соработува со надлежните органи. Самиот Маск тврдеше дека оние што го користат Grok за создавање нелегален материјал ќе се соочат со истите последици како и оние што го објавуваат директно.
We take action against illegal content on X, including Child Sexual Abuse Material (CSAM), by removing it, permanently suspending accounts, and working with local governments and law enforcement as necessary.
Anyone using or prompting Grok to make illegal content will suffer the… https://t.co/93kiIBTCYO
— Safety (@Safety) January 4, 2026
И покрај развојот на настаните, достапните податоци сугерираат дека случајот не влијаел на сообраќајот на платформата. Според Apptopia, дневните преземања на Grok значително се зголемиле во последните денови, додека слично зголемување е забележано и за Икс.


