Може ли ОН да опстанат?
На претседателот на САД Доналд Трамп, по сè изгледа, не му се потребни Обединетите нации, кои според Повелбата потпишана на 26 јуни 1945 година имаат шест главни органи, а Америка остана само во Советот за безбедност.
Претседателот на САД Доналд Трамп истакнува дека неговата цел е „Америка пред сè“, што многумина во светот го толкуваат како доказ за неговата кампања за рушење на повоената меѓународна архитектура и нејзино заменување со нови институции во кои доминира тој. Сепак, Трамп, колку и да е моќен, сигурно не е единствената причина за рушењето на светскиот поредок, но е негов најјасен симптом – лидер што без задршка го кажува она што другите се обидуваа да го прикријат: дека ерата на универзални правила е завршена.
Препорачано
Во тој контекст, на Трамп, по сè изгледа, не му се потребни Обединетите нации, кои според Повелбата потпишана на 26 јуни 1945 година имаат шест главни органи, а Америка остана само во Советот за безбедност, каде што заедно со Кина, Русија, Франција и Обединетото Кралство има статус на постојана членка и право на вето. САД ги напуштија Советот за човекови права, Економскиот и социјалниот совет (EKOSOC), Светската здравствена организација (WHO), Светската програма за храна (WFP), УНЕСКО, УНИЦЕФ и други агенции. На тој начин Соединетите Американски Држави, како најголем донатор, го намалија финансирањето на тоа глобално тело, одбивајќи да ги исполнат задолжителните плаќања во редовниот и мировниот буџет.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш деновиве испрати писмо до амбасадорите во ОН во кое предупреди дека Светската организација се наоѓа во многу тешка финансиска состојба и додаде: „Кризата се продлабочува, се заканува опасност за реализацијата на програмите и нè доведува во опасност од финансиски колапс, а ситуацијата во блиска иднина дополнително ќе се влоши. Сега е важно: или сите држави членки целосно и навремено да ги исполнуваат своите обврски за плаќање – или членките мора темелно да ги ревидираат финансиските правила на ОН“.
Инаку, Обединетите нации се финансираат со средства што секоја членка ги уплаќа за да биде дел од ОН. Членарината во буџетот се одредува според посебни економски критериуми, меѓу кои се БДП на членката и просечните приходи по жител. Голем дел од буџетот на ОН се користи за финансирање на мировните мисии, како и за безбедност, при што делот за мисии е одвоен од централниот буџет на Организацијата, кој се користи за структурни прашања и финансирање на други агенции на ОН. Така, буџетот за мировните мисии на Кипар, во Либан, Конго, Либерија, Судан, Брегот на Слоновата Коска и Источен Тимор, според некои извори, изнесува околу шест милијарди долари.
Треба да се потсети дека Обединетите нации првично го задолжија Трамп да формира Одбор за мир за Појасот Газа, но веќе не се споменува дека делокругот на работа на тој одбор е ограничен само на конфликтот на Блискиот Исток, туку има поширок спектар. Со таков одбор претседателот на САД не само што еднострано го проширува тесно дефинираниот мандат на ОН, туку презема и чекори што долгорочно би можеле да ги поткопаат ОН и меѓународниот поредок заснован на Повелбата на ОН. Токму тоа предизвикува загриженост кај лидерите на многу држави, кои го одбија предлогот да се приклучат на Одборот за мир.
На Економскиот форум во Давос, Трамп се обиде да ги ублажи таквите стравувања велејќи: „Кога ова тело (се мисли на Одборот за мир; заб. авт.) целосно ќе се формира, можеме да направиме речиси сè што сакаме. И тоа ќе го правиме во соработка со Обединетите нации“. Два дена претходно, во Вашингтон, речиси со жалење им призна на новинарите дека Одборот за мир потенцијално во одреден момент би можел да ги замени ОН. Сепак, тоа го опиша повеќе како можен исход отколку како цел: „Голем сум обожавател на потенцијалот на ОН, но таа организација никогаш не го достигна својот целосен потенцијал“.
Американскиот претседател може да мисли што сака за Обединетите нации, но многу релевантни аналитичари сметаат дека светот би изгледал многу поинаку без Светската организација. Факт е дека Обединетите нации во изминатите повеќе од 80 години, и покрај тоа што некои важни резолуции на Советот за безбедност не беа до крај спроведени, дадоа огромен придонес во посредувањето меѓу завојуваните страни и со своите мировни сили, во одредени периоди, го надгледуваа спроведувањето на мировните договори. Исчезнувањето на оваа меѓународна организација би значело губење на клучниот форум за дипломатија, хуманитарна помош и развој, што, меѓу другото, би довело до помала помош за сиромашните и ранливите групи на сите меридијани.
(Авторот е воено-политички аналитичар)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


